Каролина: „Возбудена сум што првпат ќе пеам со Филхармонија“

По распродадените концерти на 15 и 16 февруари на Каролина и Македонската филхармонија, „Авалон продукција“ најави уште два нови концерта, на 20 и 22 февруари. Поп-ѕвездата на концертите ќе отпее дел од песните од проектот „Македонско девојче“, „Извор“, но и некои од најубавите песни од претходните албуми. За „Репортер“ Каролина откри дека е возбудена што првпат ќе пее заедно со оркестарот на Филхармонија, особено што на сцената ќе ја придружуваат повеќе од 40 музичари.

„Изминатиов период постојано добивавме пораки од луѓе што не успеале да купат влезници затоа што првите два концерта се распродадоа уште пред два месеца. За среќа, успеавме да најдеме уште два термина за нови концерти. Ова е првпат да настапувам со Македонската филхармонија на мој самостоен концерт, и да бидам искрена, едвај чекам да дојде денот на првиот концерт“, ни рече Каролина.

Подготовките за концертот се во тек, а наскоро Каролина ќе ги почне пробите со оркестарот.

„Подготвуваме комплетно нови аранжмани за песните, адаптирани за сите музичари што ќе ни се придружат на сцената. Овој пат ќе има нешто повеќе од 40 луѓе на бина со мене и тоа посебно ме радува“, додаде таа.

Влезниците по цена од 1 000 денари се веќе во продажба онлајн на avalon.mk и преку продажната мрежа на „Авалон“ низ Македонија.

(А.Ј)
Фото: Стефан Рајхл

Scroll to Top