Кинотека ќе му оддаде почит на маестро Џамбазов со македонскиот филм „Мементо“

Кинотека во својата мартовска програма ќе му оддаде почит на маестро Александар Џамбазов, со прикажување на македонскиот игран филм „Мементо“. Филмот од 1967 година е во режија на Димитрие Османли, а носечката тема во филмот, „Рапсодија за Скопје“ ја напиша починатиот диригент и композитор. „Рапсодија за Скопје“ е композиција за пијано и оркестар.

Мартовската програма во Кинотеката ќе почне со хит-филмот „Куќата на Гучи“ на Ридли Скот, со Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек, кој е инспириран од вистинската приказна за семејната империја на италијанската модна куќа „Гучи“.

На програмата е и новиот филм на Пол Верховен, „Бенедета“, во кој го споделува неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата. Верховен е познат како автор на филмовите „Робокап“, „Тотално отповикување“, „Основен инстинкт“ и „Шоу девојки“.

На 9 и 10 март, Кинотеката ќе биде домаќин на Вечерите на женски права, а на 13 март ќе биде одбележана 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот „Треблинка“ со проекција на италијанскиот филм „Ѕвездено небо над римското гето“ (2020) на Џулио Базе.

Кинотека ја враќа и рубриката Уредник со причина, и ќе прикаже пет филмови по избор на алпинистката и сликарка Илина Арсова.

Scroll to Top