Битбоксерот Мартин Атанасовски (25), познат како Буцо Битбокс, за петнаесет месеци ослабе 55 килограми. Имал 150 килограми. Кога ја видел бројката на вага, сфатил дека е време да почне да слабее, оти со таа тежина, вели како да носел уште еден човек на плеќи. Свесен дека прекумерната дебелината може да му се одрази на здравјето, во разговор за „Репортер“, младиот битбоксер ни раскажа колку бил тежок процесот на слабеење. Но, колку и да одело сè бавно, само со силна волја и со поддршката од пријателите успеа да стигне до првата цел – да има помалку од 100 кила.
„Почнав полека, и за 15 месеци успеав да изгубам 55 килограми, без никакво брзање, форсирање, натанане и здраво. Да чукнам во дрво, немав никаков здравствен проблем и за среќа не бев приморан да слабеам поради влошено здравје. Но, решив дека е доста цели 15 години да носам еден човек плус на плеќи“, ја почна Мартин својата приказна.
Не крие дека одамна е свесен за негативните последици од прекумерната тежина. Иако има 25 години, тоа не му пречело секогаш да јаде што сака и колку сака. Желбата за храна, долго време му била посилна од сè.
„Во еден момент сфатив дека ако продолжам вака, сè повеќе ќе го загрозувам моето здравје и на постари години сигурно ќе имам големи последици или некоја болест. Решив да ослабам прво поради моето здравје во иднина, ама и да изгледам поубаво, како што отсекогаш сум сакал, да можам да купам парче облека од каде сакам и да носам што сакам“, ни рече тој.
Кога конечно успеал да издржи во намерата со слабеењето, следната цел била да стигне до двоцифрена бројка, да тежи под 100 килограми.
„Има уште доста од овој процес, но досега реализирав многу повеќе од тоа што помислував за овие 15 месеци. Вежбање без диета не одат. Јас велам дека 80% е исхраната, 20% вежбањето. Но, вежбањето помага за да се забрза тој процес да се зајакне телото, мускулите и да се собере што е можно повеќе од вишокот кожа. Сега имам нов начин на исхрана, сменет од корен, кој се базира на протеини, природни шеќери и минимално здрави масти. Јаглехидрати јадам само пред вежбање“, вели Мартин и додава дека сега веќе се навикнал на новиот начин на исхрана, па скоро ништо не му недостига.
Не крие дека во првите три-четири месеци му било многу тешко. Често бил нервозен, гладен, се прашувал како ќе издржи без омилената храна.
„Не можев да се замислам без некоја пица или хамбургер во денот. Во тој период е тенка границата помеѓу тоа дали ќе се откажеш или ќе се заинатиш и ќе издржиш. Со силна волја и желба сè се може. Искрено, многу ми е мило што баш во време на короната и карантинот, кога 90% од луѓето викаа дека се здебелиле оти немале што да прават, јас ослабев и на некој начин докажав дека се може секогаш и секаде, без оправдување и изговори. Затоа сега еднаш неделно имам ден во кој можам да си дозволам нешто ‘штетно’ и тој ден најчесто на менито е пица или некој бургер, парче торта, сладолед, лазања и слично. Тој ден ми е награда за организмот“, ни раскажа тој.
Вели и дека е среќен што уште од почетокот добил голема поддршка од околината.
„Искрено се зачудив колкава поддршка добивам и сега од сите, од луѓе што ги познавам и што не ги познавам, од моите дома, од моите другари, а многу ми помогна и Панчо ДНК околу физичката активност. Тој ми беше друштво за теретана и пешачење на Водно, но ми помогна и околу исхраната“, рече Буцо.
Познатиот битбоксер, кој често настапува заедно со ДНК, ни откри и дека сака да го задржи прекарот Буцо Битбокс и покрај тоа што сега изгледа поинаку и е ослабен.
„Сите што ме немаат видено подолг период, прво ме гледаат чудно и со неверување првите пет минути. А потоа следува прашањето ‘како ќе те викаме сега, не си веќе буцо, треба нов прекар да ти измислиме’. Но јас сакам, и мислам дека треба да си го задржам истото уметничко име иако можеби нема да ми стои поради мојот изглед“, вели тој со надеж дека неговата приказна ќе ги мотивира сите кои го имаат истиот проблем со прекумерната тежина.
„Нема потреба од брзање, сè мора полека, ден по ден, со упорност, многу труд и многу љубов за тоа што сакате да го постигнете. Регулирајте ја исхраната, почнете да вежбате. Каква било физичка активност е добредојдена. Животот е еден, грижете се за себе на време за еден ден да не биде доцна“, вели тој.
Андријана Јовановска