Кристина Димитријевска (24) од Тетово е избрана за најубава жена во карантин во светот! Таа учествуваше на изборот Мис карантин 2020 што вчеравечер се одржа онлајн. Кристина беше избрана за Мис во конкуренција на 15 девојки кои беа избрани од 250 пријавени девојки од 50 земји во светот. Освен што беше избрана за Мис, Кристина освои титула за најдобро претставување.
На изборот се натпреваруваше уште една девојка од Македонија, 16-годишната Бисера Цуцулова од Скопје, која беше избрана за Мис интелигенција. Таа оваа титула ја освои врз база на одговорите на прашањата што ѝ ги поставуваше жирито.
„Уште две девојки што соработуваат со Модното студио Црнокрак успеаја да освојат титули. Тоа се Лаа Стешевиќ од Црна Гора, која е втора придружничка, а Доти Поглар од Унгарија е Мис бикини. Со шест титули ова е апсолутна доминација на Модно студио Црнкрак на Мис карантин на светот 2020“, ни рече Мики Црнокрак, поранешниот модел и сопственик на модното студио.
Ова е првиот избор онлајн, кој се случи заради коронавирусот. Изборот „Мис карантин на светот“ беше во организација на Gecjan Fashion Group од Приштина, а коорганизатори на овој необичен избор беа и модното студио „Црнокрак“ од Македонија и Tugce Sarykaya Dagistan од Република Турција. Меѓу членовите на жирито беше и Мики Црнокрак, еден од организаторите на изборот.
Ова е нова победа за поранешната сопруга на Даниел Кајмакоски. Таа доби туитули и на Мис Глоуб и Мис Балкан во 2019 година.