Лекарите ми велат дека за една година ќе ослабам 80 килограми: Ивона Јовановиќ закрепнува по скратувањето на желудникот

Пејачката и блогерка Ивона Јовановиќ (25), која цел живот се бори со вишокот килограми, неодамна во Турција направи операција за скратување на желудникот. Таа долго време јавно испраќаше пораки дека девојките треба да се сакаат себеси онакви какви што се без оглед на обликот на телото или килограмите. Сепак, прекумерната тежина влијае на здравјето и на организмот, па тоа е причината заради која Ивона се реши за хируршка интервенција.

„Седев на ручек со родителите, кога татко ми ме праша дали треба да ми помогне на кој било начин околу слабеењето. Рече дека слушнал за операции со кои може да се отстрани желудникот. Тогаш сфатив дека е сериозен, бидејќи јас никогаш не сум била дете што бара нешто од родителите. Почнав да истражувам и се сетив на една жена која ми се обрати уште пред две години, кога првпат почнав да слабеам. Стапив во контакт со неа и таа целосно ја организираше оваа операција и моето одење во Турција“, ја почна својата приказна Ивона.

Вели дека брзо се решила за операција со која ќе го скрати желудникот, наместо да стави прстен или балон, што е популарно во моментов. За само неколку дена организирала сè и заминала во Турција. Операцијата ја направи на крајот на август. Првите неколку дена, вели, имала големи болки, но сега се чувствува одлично. Во болницата останала пет дена, а сега закрепнува дома. Не крие дека е среќна што веќе ги гледа првите резултати во својот изглед.

„Сега сум на редуцирана исхрана, бидејќи како да имам нов желудник. Го скратив за околу 80 проценти и сега е целосно обновен. Првите денови бев само на течности, па почнав да внесувам и кашеста храна. Лекарите предвидуваат дека за една година ќе ослабам околу 80 килограми и ќе дојдам до мојата оптимална тежина“, вели Ивона за „Репортер“.

Ни раскажа дека не ѝ било воопшто лесно по операцијата, но ни пред тоа, кога слушаше многу негативни коментари поради изгледот.

„Пак ќе кажам, јас морав да направам нешто поради здравјето, а не од естетски причини. Но бидејќи веќе се гледа дека слабеам, знам дека ќе има површни луѓе кои ќе коментираат дека сум направила операција само за да изгледам убаво. Тие не можат да ги видат психичките и психолошки проблеми со кои се соочуваат дебелите луѓе. Не знаат ни како влијае дебелината на здравјето и колку му пречи, а здравјето е најбитно од сè“, рече пејачката.

Ивона неколку пати се обиде да ослабе со диета, но безуспешно. Затоа, решила да ја прифати идејата на татко ѝ и да направи операција.

„Сите мислат дека ова е полесен пат, не е така. Има многу работи на кои ќе мора да внимавам. Но, знаев дека скратувањето на желудникот е најдоброто решение за мене во овој момент. Имаше луѓе кои се обидоа да ме обесхрабрат, но не ги послушав. Јас решив да го тргнам фокусот од негативното и да се мотивирам самата, па барав парчиња гардероба што ќе сакам да ги носам кога ќе ослабам. Еден од мотивите за да ја направам операцијата беше и тоа што знам дека откако ќе ослабам ќе можам да облечам сè што ќе посакам, и тоа да го платам по нормална цена, бидејќи кај нас има само неколку места на кои дебелите луѓе може да си купат гардероба, а тоа е секогаш прескапо“, ни кажа таа.

Но и покрај тоа што ѝ се менува физичкиот изглед, Ивона вели дека и понатаму ќе продолжи да ги поддржува девојките со вишок килограми да си го сакаат телото, но и девојките што се преслаби и се срамат од својот изглед.

„И понатаму ќе се залагам за позитивен став кон сопственото тело, какво и да е тоа. Никогаш нема да заборавам дека моето тело со години беше крупно и низ што сè поминав поради тоа, со какви се стигми и норми се борев. За да промениш нешто кај себе, прво тоа мора да го прифатиш. А мене ми требаше долго време да се прифатам таква каква што сум и да се засакам. Јас се обидов и претходно да ослабам, но тоа не ми успеа, бидејќи во тоа време не се сакав себеси. Во меѓувреме научив да се сакам делумно. Мислам дека никогаш нема целосно да се сакам себеси додека живеам во вакво општество. Колку и да зборувам дека сум јака и дека ми е сеедно, цел живот слушам коментари за дебелината и тоа ми влијае на психата. Во ваква средина не можеш да живееш нормално и среќно“, вели Ивона.

Таа не крие дека поради лошите коментари и навредите што ги трпи со години, веќе некое време разговара со стручни лица и се надева дека тие ќе ѝ помогнат да се справи со проблемот.

„Дебелината може да произлезе и од вишокот емоции што не можеш да ги исфрлиш од себе. Јас сум импулсивна со најблиските и ништо не им премолчувам. Но со постарите и со околината што не ми е блиска, молчев и тоа ми правеше проблеми, а јас решението го наоѓав во храната. Ние сме така учени, ако си дебел, тоа е затоа што многу јадеш, а никој не те прашува имаш ли психички проблеми. Искрено, уморна сум фокусот да е на мојата дебелината. Време е моите квалитети, кои ги имам во изобилство, да се покажат. Мислам дека доволно се борев и сфатив дека рајата нема да ме пушти да се изборам за себе таква каква што сум, поради нашиот балкански менталитет. И сега додека се опоравувам, ќе почнам да барам соработници за следната песна и тоа ќе биде првата песна на Ивона со витка линија. Не се обесхрабрувам, зашто знам дека универзумот е на моја страна“, ни рече Ивона.

Андријана Јовановска

Scroll to Top