Легендарниот фудбалер Дарко Панчев, со чиј гол „Црвена ѕвезда“ во 1991 година стана европски клубски шампион, во интервју за бугарските медиуми отворено прозборе за местенките во УЕФА во 1990те години и проблемите што ги имал клубот. Тој вели дека златната топка за 1991 година требал да ја добие тој или Дејан Савичевиќ, а не Папен. Додава и дека е сигурен дека „Црвена Ѕвезда“ и следната година ќе била европски шампион, ама дека УЕФА не го дозволила тоа заради санкциите против Југославија, која се распаѓаше во тоа време.
„Клубската конкуренција таа година беше многу силна, а за нашиот тим беше тешко цело време да игра надвор од Белград заради санкциите против Југославија. УЕФА тогаш едноставно не дозволи ‘Ѕвезда’ да игра финале втора година по ред и да биде шампион. Тоа би бил голем удар за нив, зашто покажавме дека сме посилни од сè, и покрај сите нивни санкции и правни неправди,“ рекол Панчев за бугарскиот Sportal, 28 години откако со белградскиот тим стана шампион на Европа.
Со голот од пенал на Панчев против „Олимпик Марсеј“, „Ѕвезда“ во 1991 година стана европски клубски шампион. „Дарко Панчев, Дарко Панчев… Црвена Ѕвезда е шампион на Европа, Црвена Ѕвезда е победник на Купот на европските шампиони“ – извикуваа коментаторите по голот на Дарко. Неколку месеци подоцна, „Ѕвезда“ ја освои и титулата светски клубски шампион, откако со 3:0 го победи „Коло коло“ во финалето на Интерконтиненталниот куп што се играше во Токио.
Поранешниот напаѓач на „Интер“, во интервјуто за Sportal се присети на овие натпревари и ги нарече едни од најзначајните во неговата кариера. Тој додаде и дека е неправедно тоа што во 1991 година „Златната топка“ не му била доделена на играч на „Ѕвезда“, иако клубот го освои Европскиот куп таа година.
„Мислам дека е добро за најдобриот европски тим да го има најдобриот играч. За жал, тоа не се случи во 1991 година. Ова се должи и на високото влијание на француските медиуми врз УЕФА, но и со ‘Адидас’, со кого заеднички беше доделена наградата. Наместо Дејан Савичевиќ или јас, златната топка ја доби Жан Пјер Папен. Ма каков Папен. Неправедност“, рекол Панчев во интервјуто.
Македонскиот фудбалер таа година ја освои „Златната копачка“ за најмногу дадени голови во сезоната 1990-1991.
Според него, УЕФА не смеела да ја исфрли југословенската репрезентација од Европското првенство 1992 година, и покрај сите економски и политички, но и спортски санкции со кои се соочуваше земјата во тоа време.
„Вистината е дека имавме многу силен и моќен тим. Репрезентацијата се квалификуваше на Европското првенство. Се разбира, УЕФА нè дозволи, нè спречи да учествуваме. Мислам дека имавме реална шанса за успех. Во тоа време кога земјата се распаѓаше, сигурен сум дека ќе го освоиме големиот трофеј“, раскажал Дарко.