Пејачката Маја Саздановска повеќе од три години е целосно посветена на своето здравје. Таа и вежба и внимава на исхраната, а откако ги смени животните навики, вели, ослабе четири конфекциски броја. Не знае колку е тоа во килограми, но во разговорот ни откри дека решила да ги смени животните навики поради здравјето, а не за да слабее, па затоа и не се мери.
„Не се мерам и нема некоја иделана тежина што сакам да ја постигнам, но горда сум на себе што ни по три години не размислувам да се откажам и да се вратам на старите навики“, ни кажа Маја за „Репортер“.
На почетокот не ѝ било лесно. Од исхраната исфрлила многу намирници и повеќе од три години не пробала тесто, тестенини, леб, скроб, шеќери. Вели, не ѝ недостигаат, особено што во добила совети во Центарот за здрава храна и нутриционизам на Цвета Динева, па одамна ги расчистила сите свои дилеми околу исхраната и почнала да се храни здраво. Сепак, ни тоа не ѝ било доволно, па почнала да вежба.
„Имав потреба за повеќе, за нешто поразлично. Еве, вежбам скоро 3 години, а решив да почнам во оној момент кога ми дојде сè преку глава и ми требаше драстична промена. Прво почнав да тренирам во фитнес центар и се пронајдов во магијата на групните тренинзи каде сите сме си мотивација едни на други, а подобрите ги влечат оние на кои им требаат поддршка. Таму создадов една група на пријателки со кои од старт имавме желба за напредок“, вели Саздановска.
Признава дека никогаш немала голема желба за слабеење. Единствениот мотив што ја водел од самиот почеток е да има убаво дефинирни мускули на целото тело.
„Сфатив дека како навлегуваш, почнуваш да читаш, да ги чувствуваш бенифитите на физичката активност, така ти се подобрува целата состојба на телото и умот, па сите останати резултати следат сами. Јас не знам колку килограми ослабев. Сè уште се шетам со старата облека, ама појачана со безопасни игли на сите страни, оти ништо од тоа што го имам не ми е точно, сè ми паѓа, ми е преголемо и многу лошо ми стои. Но, од друга страна, секогаш сè ми било тесно, па сега уживам во облека која ми е комотна и широка“, ни откри пејачката, која веќе неколку години работи како организатор во Националната опера и балет.
И некако во целиот тој процес на слабеење, Маја се запознала го фитнес тренерот Елена Бубало, која повеќе од една година ги води нејзините тренинзи.
„Имам интензивни тренинзи четири пати во неделата, и во овие 15 месеци, мислам дека сум пропуштила само три часа. Јас сум навлечена на таа жена, на нејзината мотивација, дисциплина и на начинот на кој ме инспирира. Преблагодарна сум ѝ и секој ден ѝ го кажувам ова“, вели Маја и додава дека низ годините, никогаш немала период во кој ѝ било толку тешко што помислувала да се откаже.
„Напротив, почнав да вежбам и јога, имајќи предвид дека со здравото тело одат паралелно здравиот дух и ум. А во тоа ми помогна мојата најдобра другарка Фани Христова, која е сертифициран јога инструктор на светско ниво. Пред само една година да ми кажеше некој дека ќе го раскажувам ова, ќе му се смеев“, искрена е Саздановска.
И покрај поддршката што ја има од семејството и ќерката Срна, вели дека самата на себе си е најголемата мотив да истрае.
„Ако човек сам не си помогне, и не е истраен, никој не може да му помогне. Мораш да си поставиш приоритети, мотивација, желби. Најбитно е да почнеш, потоа е сè полесно. Ете, јас и Срна често одиме во природа, покрај вода, го качуваме Водно“, ни кажа Маја.
Ни призна дека и покрај сите активности што ги има периодов, сепак ѝ недостига музиката и турнеите низ поранешна Југославија, кога секој викенд пред пандемијата пееше на концертите на Калиопи како придружен вокал.
„Сè ми фали: Калиопи, музиката, сцената, ареналинот, патувањата, публиката… Убаво е и дома, не дека не, но на музичарите им се одзеде домот – а тоа е сцената и публиката, на музиката ѝ се откина гласот. Едвај чекам тоа да продолжи“, рече таа.
Андријана Јовановска