„Мајка ми беше наставничка, на лето морав да читам“, Зоки Поки го врати претседателот во детството

Претседателот Стево Пендаровски беше на снимањето на детската серија „Зоки Поки“, која се снима по  истоимената книга на Оливера Николова.

„Зоки Поки“ повеќе од половина век е задолжителна лектира во училиштата, а книгата првпат е издадена 1963 година. На прашњето дали ја читал Зоки Поки во основно школо, колку читал лектири, претседателот Пендаровски за „Репортер“ ја раскажа својата приказна.

„Како дете на одделенска наставничка задолжителна активност на секој мој летен распуст беше да се читаат лектири, па и ‘Зоки Поки’ беше меѓу нив. Иако поминало долго време откако сум ја читал книгата, кога неодамна ја посетив екипата што ја снима телевизиската серија, децата што ги играат ликовите на Зоки Поки и Лидија веднаш ме вратија во детството затоа што се многу слични како ликовите што јас си ги замислував како дете, не само по изгледот, туку и по однесувањето“, ни изјави за „Репортер“, претседателот Стево Пендаровски.

Режисер на серијата е Александар Поповски, а серијалот ќе биде составен од 10 епизоди и ќе се емитува напролет. Целта на серијата е да се едуцираат децата и да се вратат изгубените вредности кај младите, но и повозрасните да се вратат во детството.

А. Георгиев 

Scroll to Top