Васил Гарванлиев ќе пее во првото полуфинале на Евросонг што ќе се одржи во Ротердам, Холандија, на 12 мај. На извлекувањето што се одржа вчера Македонија беше извлечена прва. Тоа значи дека Васил ќе настапи во првата половина од првото полуфинале, а не дека ќе пее прв на Евросонг. Редоследот под кој ќе настапат учесниците на Евровизија ќе се утврдува дополнително, од продуцентите на шоуто. Освен Македонија, во првото полуфинале ќе пеат и Хрватска, Русија, Азербејџан, Шведска, Норвешка, Австралија и уште десет земји.
Евровизија годинава ќе се одржува во Холандија од 12 до 16 мај.
Македонскиот претставник за годинашниот Евросонг, Гарванлиев, беше избран на почетокот на месецот. Песната со која ќе настапи во Холандија сè уште не е избрана.
За потсетување, публиката во Македонија го запозна Васил пред 25 години кога ја испеа „Марионка“ на Златно славејче. Потоа тој замина во САД, Италија и Канада, каде што живееше со години, пееше во мјузикли и опери, а настапуваше заедно со Енрике Иглесијас, Њу кидс он д блик и други. Лани се врати во Македонија, со песната „Ѓердан“, а неодамна го промовира и спотот за „Мојата улица“. Васил лани пееше придружни вокали на Тамара Тодевска на Евросонг во Израел.
Васил Гарванлиев: „Евровизија има посебна магија, предизвик е за секој пејач“