Македонка првпат номинирана за наградата Еми

Александра Кочоска Дековиќ, Македонката која неколку години работи како продуцент за визуелни ефекти во Холивуд, ја доби својата прва номинација за најпрестижната телвизиска награда Еми. Александра е и првата Македонка номинирана за оваа награда, а неа ја доби за работата на серијата „Стар трек – Дискавери“. Таа за „Репортер“ вели дека е пресреќна со номинацијата во категоријата за визуелни ефекти, а дека истовремено е многу горда што за престижната награда е номиниран и нејзиниот сопруг, Анте Дековиќ.

„Анте е номиниран вторпат за Еми. Тој претходно, во 2013 година беше номиниран за серијата ‘Демоните на ДаВинчи’. Нашето очекување беше да влеземе во овој круг, тоа што не успеавме во првата сезона, па затоа ова го сметам за голем успех. Тимот од над 400 артисти работеше неуморно повеќе од три месеци на околу 500 кадри. Посебно сум горда на квалитетот на работата, со оглед на тоа што имавме краток период да завршиме се“, ни раскажа Александра.

Таа додава дека би била пресреќна да победат, но во истата категорија е номонирана и последната сезона од серијата „Игра на тронови“.

„Почестена сум и со самата номинација и уште сега се радувам на Governor’s Ball, забавата што се одржува по главната церемонија на доделувањето на наградите“.

Александра веќе неколку години живее и работи во Холивуд. Таа има две дипломи од Универзитетот УКЛА, за бизнис-менаџмент во забавната индустрија и за развој. Оттогаш работела на неколку серии: Crossbones, Sleepy Hollow, Limitless и True Detective. Таа во моментов работи на три серии: првата сезона Star Trek: Picard,, со Патрик Стјуарт во главната улога, втората сезона на Star Trek: Short Treks и на третата сезона на Star Trek: Discovery S3

Александра е продуцент на визуелни ефекти  – таа не работи на компјутерска изработка на ефектите, туку има свој тим, десетина луѓе чија работа ја надгледува и одлучува во која сцена ќе има каков ефект. Притоа внимава нивната работа да не го надмине буџетот со кој располага серијата за секоја епизода.

Не е првпат Александра да биде номинирана за филмска награда – таа пред две години имаше номинација за наградата Visual Effects Society во категоријата најдобри ефекти во епизода, но награта тогаш ја доби серијата „Игра на тронови“..

А. Јовановска

Scroll to Top