Македонската гимнастичарка Илина Соколова освои бронза во Германија

Сестрите Илина и Ева Соколовски и понатаму нижат успеси низ Германија во ритмичка гимнастика. Илина (16) во Бундес лигата на стартот на натпреварувањето освои  бронза. Таа екипно викендот настапуваше во Берлин, каде освои високи поени, но за малку им побегна среброто. До крајот на спортската сезона претстојат уште многу натпревари, кога на крајот се собираат поените и се прогласува победникот.

„Настапив со три точки, топка, чуњеви и лента. Благодарејќи на високите поени во соло настапите идниот месец заминувам за Леверкузен, каде ќе имам интернационален настап“, ни рече Илина за „Репортер“.

Она што е важно, пак, за нејзината помала сестра Ева (12), е што оваа година таа остана на резервната клупа во нејзината категорија во Бундес, бидејќи поради годините сè уште не е дел од ова најголемо германско натпреварување. Но, поради талентот и наградите што ги има зад себе добила покана да биде дел од Бундес лигата, но само доколку е потребно за замена.

Колку е голема љубовта кон овој спорт покажува и фактот што Илина минатиот месец  присуствуваше на светскиот натпревар по ритмичка гимнастика, што се одржа во Софија, а таму е пресреќна што се запознала со својот идол.

 

„Неочекувано пред мене се создаде олимпискиот победник од Израел Ашрам. Јас се израдував и јас ја повикав. Таа дојде до мене и се сликавме. Пресреќна сум, бидејќи таа е најдобра во овој спорт, го сонувам нејзиниот успех и  сонот ми се оствари лично да ја запознам“, вели Илина. Илина и Ева веќе се подготвуваат за наредниот месец во Леверкузен, каде ќе се натпреваруваат во нивните категории.

Scroll to Top