Македонската група „Лилит“ го објави деби-албумот „Чудо“

Македонската група „Лилит“ го објави деби-албумот „Чудо“. Албумот, кој има 12 песни, меѓу кои и четири претходно објавени сингла – „Чудо“, „Миризлива градина“, „Хоризонт“ и „Одговор“ – може да се најде и онлајн.

Првиот сингл на „Чудо“ групата го промовира во 2019 година, па членовите на бендот велат дека нивниот албум е резултат на тригодишна напорна работа. Пред да го издаде албумот „Лилит“ одржа и виртуелен концерт, на кој ги промовира песните.

„’Чудо’ е дете на искрена, бескомпромисна љубов кон музиката. Без желба да се идентифицираме со кој било музички жанр бидејќи секоја идентификација е рамка, граница. Овој албум ги дава контурите на еден слободен ентитет, кој стои зад името ‘Лилит’. Тоа се луѓе од разни планети, кои Лилит ги транспортира на Земјата и само тука имаат смисла и логика“, велат од бендот.

Во „Лилит“ членуваат вокалот Емилија Колоска, Трајко Симоновски на бас-гитара, Иван Петровски на гитара, Филип Димишковски на клавијатури и Мартин Вучиќ на тапани.

Како гости соработници на албумот се појавуваат Сашко Николовски-Сале, Дамир Имери, Иван Иванов, Игор Атанасовски-Харе, Зоран Костадиновски, Дарко Илиевски, Јадранка Кристов, Петрит Сарачини и Стефанија Георгиева.

 

Scroll to Top