Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска доби јавна благодарност од семејството Димитровски за поддршката што, според нивните наводи, му ја дала на нивниот син Македон во процесот за приклучување кон престижната образовна програма Johns Hopkins Center for Talented Youth (CTY).
Семејството во својата порака истакнува дека зад успехот на секое дете стојат многу труд, знаење и посветеност, но дека понекогаш е потребна и поддршка од луѓе кои знаат да го препознаат талентот и да помогнат во вистинскиот момент.
„Од срце сакаме јавно да ѝ се заблагодариме на министерката Сања Божиновска, а пред сè на човекот Сања, за нејзината човечност, разбирање и искрена поддршка за Македон“, наведува семејството Димитровски.
Според семејството, нејзината поддршка била значајна за можноста Македон да стане дел од програмата на Johns Hopkins CTY, која на надарените ученици им овозможува пристап до напредни образовни содржини и нови академски предизвици.
Од семејството посочуваат дека поддршката ќе остане важен дел од неговиот пат кон нови знаења, предизвици и успеси.
„Ви благодариме, министерке, но пред сè – Ви благодариме, Сања, што покажавте дека зад функцијата стои човек со срце“, порачаа Димитровски.
Johns Hopkins Center for Talented Youth (CTY) е програма на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, наменета за ученици со исклучителни академски способности, на кои им нуди напредни образовни можности и предизвици.






