Mакедонскиот дизајнер Тони Матичевски ја облече холивудската актерка Кристен Стјуарт за вечера што ја организираше Hollywood Reporter, а на која присуствуваа сите актери и филмски работници кои се годинава номинирани за Оскар. Кристен е номинирана за најдобра женска улога за филмот „Спенсер“, каде што ја глуми принцезата Дијана.
Матичевски за Стјуарт изработи дводелен комплет во бела боја, топ и тесно здолниште, кои актерката ги комбинираше со бели салонки.
Македонскиот креатор, кој живее во Австралија, веќе подолго време соработува со многу познати дами, па низ годините креираше и за Џенифер Лопез, Ева Лонгорија и Пенелопе Круз. Тој неодамна во интервју за „Ел“ зборуваше за својата работа.
„Моето македонско потекло има влијание и во создавањето на која било колекција се инспирирам од етно-традицијата во Македонија и нејзината околина. За жал, сега не сум многу упатен во модната сцена во Македонија и во поранешна Југославија. Општ впечаток на луѓето од светскиот моден бизнис е дека Балканот е поднебје на многу креативни луѓе чиј талент не е доволно разбран и искористен“, рече Тони во интервјуто за „Ел“.