Македонци освоија злато, а немаат хокеј-арена

Македонската репрезентација во хокеј на мраз убедливо ја победи селекцијата на Португалија со 9-3 и го освои првото место на „Девелопмент турнирот“ што се играше во Фисен, Германија. Ова натпреварување е неофицијално Светско првенство на кое учествуваат земјите што немаат затворена хокеј-арена, како што е случајот со Македонија. Македонските хокеари на турнирот во Германија одиграа пет натпревари и остварија пет победи, па го освоија првото место.

По освоеното злато, претседателот на Хокеј федерацијата на Македонија, Никола Тасев, преку Фејсбук раскажа дека репрезентацијата на ова натпреварување заминала „со броени пари и по некој сендвич“, за на крајот да се вратат со златниот медал.

„Со 5 победи во 5 натпревари докажавме дека хокејот не е мал и непросперитетен спорт во Македонија, напротив, има иднина ама нема услови. Десет години се мачевме со претходната власт да се убедуваме дека хокеј-арена е неопходна за развој на 5 зимски олимписки спортови. Не успеавме. Речиси две години од оваа влада исто така абер нема да се направи нешто на ова поле. Во ред е да имаме 5 монтажни лизгалишта низ цела држава, но сакаме хокеј-арена. Хокеј-арената не чини повеќе од еден лав или ограда на мост, не чини повеќе ниту од сумата исплатена на три компании блиски до Владата од Фондот за иновации на жими мајка. Кога гледам како на глупости се трошат народни пари ми доаѓа да врескам сè погласно секој ден: Сакаме хокеј-арена! Голема благодарност до хокејарите, до стручниот штаб, до пријателите на хокејот… овој успех е заеднички. Отидовме во Германија на првенство со броени пари, за пат, за спиење и по некој сендвич, се вративме златни со пехар, со покажување пркос дека можеме да успееме и кога немаме услови и кога никој не верува во нас“, напиша Тасев.

Scroll to Top