Марија Спасовска го сними спотот за песната за „Јуниор Евровизија“

12-годишната Марија Спасовска на 18 октомври ќе го промовира спотот за песната „Дома“ со која ќе настапи на годинашниот „Јуниор Евросонг“ во Минск, Белорусија. Спотот е веќе снимен, а Марија за „Репортер“ откри дека со нетрпение чека сите да ја слушнат песната.

„Спотот го снимавме во Македонската опера и балет, а во режија на Чедо Поповски. Музика и аранжманот за песната ги направи Дарко Димитров, а текстот е на Дарко Димитров и на Елена Ристеска. Во спотот ќе прикажеме театрален, филмски изглед, а двата костима за спотот ги дизајнираше Елена Лука. Таа ќе го направи и костимот што ќе го носам на сцената во Минск на 25 ноември“, ни раскажа Марија.

Марија е ученичка во осмо одделение. За да ја претставува Македонија на „Јуниор Евросонг“ таа победи на аудицијата што се одржа во август, а на која настапија 10 кандидати. Публиката ја запозна Марија пред неколку години кога се натпреваруваше на музичкото регионално шоу „Пинкови ѕвездички“. Таа има издадено цеде со седум песни. Има две втори награди на настапи во Минск, Белорусија и во Струга. На Славјански базар освои трето место, а ја пееше „Црно и бело“ од Калиопи. Неодамна Марија ја доби и наградата за најдобар глас на меѓународниот фестивал „Тра ла ла“.

(А.Ј)

 

Scroll to Top