Александар Маленко веќе не е претседател на Пливачката федерација на Македонија. На негово место е Дарко Нешков, кој минатата недела беше изгласан на вонредното собрание. Покрај Нешков, беа избрани и нови заменици претседатели, односно како потпреседатели на Федерацијата се избрани Мартин Стефановски, претседател за пливање, Кире Трендафилов, претседател за пливање на отворени води, и Сашо Спировски, претседател за ватерполо.
„Чест и задоволство ми е да ја водам функцијата претседател за пливање, односно потпретседател на Пливачката федерација на Македонија. Сакам да го искористам моето интернационално искуство за да ги достигнеме максималните капапцитети за развој на овој спорт кај нас, да воспоставиме интернационална соработка која ќе ни помогне конечно да запливаме во добар правец и да го кренеме пливањето на ниво каде што заслужува да биде“, рече Мартин Стефановски за „Репортер“.
Тој вели дека целта на новата Федерација ќе биде да ги вклучат сите спортски работници и љубители на пливањето во процесот на развој на овој спорт.
„Би сакал заеднички да си помогнеме и да поставиме функционален систем кој на крајот ќе донесе добри резултати“, вели тој.
Мартин не сака да ја коментира ситуацијата во која се наоѓаше Федерацијата изминатиов период.
„Тоа нека остане едно лошо минато. Нашите работни обврски почнуваат уште од денес, нè чека прилично напорен период“, додава Стефановски.
(А.Јовановска)