Столе Стоилов вчера ја изненади јавноста по натпреварот Македонија – Чешка, кога на прес-конференција кажа дека си оди од репрезентацијата. Иако сите очекуваа освен Миркуловски, Кире Лазаров да се повлече, Столе откри дека тоа бил негов последен натпревар и дека е време своето место да им го препушти на младите.
„Сакам да објавам крај на репрезентативната кариера. Ми беше чест што овие 15 години бев дел од репрезентацијата. Играв со големи играчи како Лазаров, кој за мене секогаш ќе биде ‘капитенот’, како и Миркуловски, кој го остави здравјето за репрезентацијата. Направиме големи работи, но јас морам да се простам, моето тело веќе не може да издржи. Да не бев сигурен дека ќе можат без мене немаше да се повлекувам, но сигурен сум дека можат. Време е да се ослободат од мене и помладите да добијат повеќе простор“, рече легендарниот пикер на македонската репрезентација.
Неговото заминување беше изненадување и за селекторот Лазаров, кој го одложи својот последен натпревар за наесен.
„Жал ми е што се повлекуваат Стоилов и Миркуловски, Столе ни е потребен, но ќе ја почитувам неговата одлука“, рече Лазаров на прес-конференцијата.
За потсетување, на вчерашниот натпревар од баражот, Македонија ја победи Чешка 27:25 и се пласираше на светското првенство што ќе се игра догодина.
Мукаетов му се поклони на Миркуловски, тој се прости, но не и Лазаров