Режисерот Милчо Манчевски ја доби наградата Eastern Ѕtar на 30. Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, за достигнувања во областа на кинематографијата. Во чест на Манчевски беше прикажан неговиот најнаградуван филм „Пред дождот“ кој го освои „Златниот лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, беше номиниран за „Оскар“ и освои уште 30 меѓународни награди, а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1 000 најдобри филмови на сите времиња.
„Ме поканија да го одбележиме нивниот 30-годишен јубилеј со ‘Пред дождот’. Мислев дека одам во Италија на разговор со публиката и на добра паста, ама организаторите ми спремиле изненадување со наградата”, рече Манчевски откако му беше врачена наградата.
Досегашни добитници на оваа награда се италијанската актерка Моника Белучи, француската актерка Ирен Жакоб и хрватскиот актер Раде Шербеџија. Фестивалот се одржува од 18 до 25 јануари.