Мира Дизел, баџанаци, шурнајки и оградата пред Влада ја освоија „Златна бубамара“

Под мотото „Да се предадеме“ на музика, смеење и забава, вчера се одржа 22. Златна бубамара на популарноста. Сашко и Ранко, само како што знаат тие, со хумор ја удостоија оградата пред Влада, пенкалото со кое се потпишуваат сите договори во земјава, патните трошоци на Мира Дизел и роднинските вработувања поради кои сите научивме што е баџанак, а што шурнајка.

Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Буба Мара“

Урнебесна приредба, смеење до солзи, многу гламур, одлична забава. Преполната сала „Борис Трајковски“ беше местото за многу емоции и малку носталгија. Сашко Коцев и овој пат се надмина себеси, оти точно знаеше што ѝ треба на публиката. Веднаш ја фати на смеа. Инспирација му беа политиката и политичарите во земјата. Почна од легендарното црвено-сино пенкало со кое 20 години се потпишуваат сите договори и се пренесува од политичар на политичар, преку тргнатата ограда од пред Влада за вработените и нивни роднини да можат на време да стигнат во канцеларија, па сè до дизелот што поевтини за да се намалат патните трошоци на Мира Дизел.

Црвено-синото пенкало со кое се потпишуваат сите договори во земјава

Тој се пожали дека оваа година имале најголем проблем со распределбата на картите оти една карта завршила во Будимпешта.

„Прв карти побара Заев. Само осум му фалеле. Ги мислиш, ги мислиш картите и на крај пак дупка у публика и само заради таа една карта. Се распрашавме и дознавме дека картата е во Будимпешта. А не е лесно да пренесеш една карта во Будимпешта. Не се тоа 700 000 евра па да ги спакуваш во пластично шише и да ги пренесеш преку граница“, рече Коцев.

Публиката во „Борис Трајковски“ дишеше преку маски

Откако сите во салата ставија маски за полесно да дишат, Сашко откри дека нашле решение за загадувањето, а покажа и како изгледаат новите фотелји-канти за ѓубре, што мора да ги има во секој дом. Додаде и дека откако сме Северна, најмногу ги жали оние од Метео, оти ни тие не знаат да објаснат каков е тој северен северен ветер што дува во северна земја… И сето ова беше одлично спакувано, со многу штосови на сцената. Игор Џамбазов и Атанас и Тино и сега беа засилување на „Бубамара“.

Тино и Атанас доделија неколку од наградите на „Бубамара“

„Личам како дете на Тијана Дапчевиќ и Сергеј Варошлија. А Тијана не е мајката“, се пошегува Тино.

Наградите и овој пат  Академијата на Златна бубамара ги распредели во категории.

Влатко Стефановски со синот Јан

Влатко Стефановски доби за концерт и албум на годината. Најпопуларен блех-оркестар и овој пат е на Џамбо Агушев. Награда за животно дело доби Григор Копров, а Мики Јовановски Џафер доби „бубамара“ за трајни музички вредности.

Џамбо Агушев доби награда за блех-оркестар

„Дупер“ е музичко откритие на годината, пејач е Влатко Лозаноски. Лозано го има и хитот на годината „Јако, јако“. Група на годината е „Нокаут“.

„Дупер“ се откритие на годината

Награда доби и првиот детски мјузикл „Земја во која не се стигнува“ од Театарот за деца и младинци. Најпопуларна детска ТВ-серија е „5+ Фамилија“. Балетска претстава е „Ана Каренина“.

Лозано доби две награди, за пејач и за хит на годината

Театарска претстава на годината е „Еден месец на село“ од МНТ, најдобра актерка е Ирена Ристиќ, а ТВ-забавна сатирична емисија е „Фчерашни новости“, кои и на сцената порачаа дека е најважно секогаш да си чекор зад сите. Најпопуларен ТВ-проект е „Преспав“, наградата за актер на годината ја доби Горан Стојановски, а млад актер е Дритон Вејсели.

„Фчерашни новости“ се ТВ-забавна сатирична емисија
Спортски подвиг на годината има 12-годишниот Марко Пејчиноски, кој го преплива Охридско Езеро, а спортист легенда е кошаркарот Перо Антиќ.
Спортска легенда е Перо Антиќ

Награда за интернационален успех на годината доби Џијан Емин, а Дино Имери е маестро на годината.

Балкански хит има Петар Грашо, песната „Ако те питају“. Награда за животно дело доби Милован Лане Гутовиќ, а награда за трајни музички вредности Бора Ѓорѓевиќ, кој заедно со Игор Џамбазов и хорот „Мирче Ацев“ ја испеаја „Ангелу“ од „Рибља чорба“.

Бора Ѓорѓевиќ и Игор Џамбазов ја пееја „Ангелу“

„Златна бубамара“ им оддаде почит и на починатиот пејач Влатко Илиевски, на актерите Ванчо Петрушевски и Мите Гроздановски и на драматургот Горан Стефановски.

Фото: Златна Бубамара на популарноста

Scroll to Top