Новиот албум на ПМГ Колектив насловен „Фратерните“ (Братство) е прогласен за албум на неделата на бугарското национално радио „Радио Бинар“, објави фронтменот на македонскиот бенд Мирко Попов.
„Новиот албум на ПМГ Колектив, Fraternite, кој излегува во денес, 26 февруари, е прогласен е за албум на неделата на Бугарското национално радио – Радио Бинар. Може да се послуша во целост три пати на ден до крајот на оваа недела и тоа во 11:00, во 17:00 и во 23:00. Голема брагодарност до Панк Џез и господинот Лемке и секако братскиот бугарски народ“, напиша Мирко Попов.
Македонскиот бенд „ПМГ Колектив“ 20. години е еден од главните двигатели на музичката сцена кај нас. Патот кон зрелоста бендот го градеше во повеќе фази и различни постави со мноштво музички изданија зад себе. Константа во опстојувањето на бендот е креативната соработка на пријатели, уметници, претприемачи и музичари кои функционираат на иста фреквенција.
„Најпрво беше идеја да се спакуваат љубовта и топлината што нѐ одржуваат заедно сите овие години, во очи на општествената и глобална непосредна закана. Звучеше како сјајна идеја некаде на средината на 2019та, кога почнавме да работиме на материјалот. Со комплетно нови музички параметри, се впуштивме во авантура која нѐ извади од патики, а сепак, додаде неколку квалитативни слоеви на основната идеја. Во меѓувреме се случи пандемиската 2020-та, па сите глобални закани добија неверојатно конкретно лице, што неповратно ги промени нашите животи. Она што остана непроменето е нашето чувство за заедништво, меѓусебната љубов и потребата за развој и промена“, откри фронтменот на „ПМГ Колектив“.
Албумот „Fraternité“ е снимен и продуциран за винилно издание, а официјален датум за излегување е 27 февруари. Станува збор за деветто албумско издание на „ПМГ Колектив“.
На основниот состав на бендот, Мирко Попов, Синиша Евтимов и Александар Гавровски, на овој албум им се придружува Владан Дробицки (од „Сетстат“), а на композициите се појавуваат и повеќе гости.