Митрик и Самарџиски ја најавија втората сезона на аудиосеријалот Roomania

Промотерската асоцијација Room 313, која промовира модерна електронска музика, и во време на пандемија создава нови музички проекти. Митрик и Самарџиски веќе работат на аудио-серијалот Roomania.

„Размислувајќи како би се прилагодиле на новото време, дојдовме до идеја за нов проект. Новиот проект на кој работиме го именувавме Roomania и е серијал на аудио подкасти, диџеј миксови, во кој низ музичко-тематски сезони селектираме и промовираме соодветно избрани артисти.

Со нашиот микс ја затвораме првата сезона која ја нарековме Пештера од раце (Cave of hands), во која самиот дизајн и естетика симболизираат временска оддалеченост од живите клупски настани каде физичката блискост на диско подиумот и дигнатите раце беа синоним за добра забава. Во Roomania, презентираме специфичен електронски звук, едноставен, а сепак комплициран по својата едноставност, кој извира од романската модерна електронска сцена и доби големо признание последните години. Со секој од артистите правиме посебно интервју преку кое ги доближуваме слушателите до музиката.

Музиката која ја прикачуваме на нашиот Soundcloud профил е бесплатна, со тоа правиме социјален импакт. Секој, колку сака и кога сака може да ги преслушува нашите изданија и да ги споделува на социјалните платформи. Во ова време на предизвици, секој заслужува да има малку простор за забава, додека сите клубови се затворени, во своите домови и на места што се достапни, каде може да се слуша ново издаден квалитетен музички звук.“, велат момците за нивниот проект.

Scroll to Top