Актерот и продуцент Симеон Мони Дамевски е новиот директор на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ со мандат од две години, соопшти Друштвото на филмски работници (ДФРМ).
„Мони Дамевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера“, велат од ДФРМ.
Дамевски дипломираше актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрираше на Ратгерс, државниот факултет на Њу Џерси во САД, каде од 1990 до 1992 година беше и асистент по глума. Познат е по улогите во „Пред дождот и „Господ постои, името ѝ е Претрунија“. Продуцент е на „Враќање“ и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и на шест документарци. Се очекува продукција на две негови филмски сценарија.
Тој е син на еден од легендарните македонски актери, Дарко Дамевски.