Моника Црнокрак: Со Виктор се запознавме на одбојка и по три години се уште ми го освојува срцето

Моника Црнокрак (24), ќерката на македонските модели Светлана и Мики Црнокрак, се повеќе го привлекува вниманието на јавноста. Неодамна таа ја освои титулата Мис фотогеничност на изборот за Мис на Европа што се одржа во Либан, и иако со манекенството се занимава од хоби но и зарди генетиката, сепак и таа стана дел од јавниот живот. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, на отсекот за маркетинг, а веќе три години е во љубовна врска со Виктор Петров. Неодамна беа заедно на премиерата на филмот „Нешто слатко“, каде го привлекоа вниманието како пар кој многу си одговара.

„Со Виктор сме заедно три ипол години и се надеваме дека ќе ги броиме до крајот на животот“, ни вели во разговорот за Репортер, Моника Црнокрак.

Таа ни раскажа како се запознале, но и како тој ја освоил. „Пред сè ме освои со физичкиот изглед, црн, висок и згоден дечко со тетоважи, со брада и прекрасна насмевка која не може, а да не се забележи, а потоа со неговата харизма и позитива којашто ја шири насекаде. Го сретнав пред многу години на рекреативна одбојка, па случајно се најде да игра со нас. Првата моја реакција беше таму: ’Кој е овој убав, згоден и висок дечко?‘ По долго време го запознав преку мои другари и тука веќе започнаа моите вистински симпатии и секојдневно да го освојува моето срце“, ни раскажа за Репортер, Моника.

Виктор(28) е бивш кошаркар кој се занимава рекреативно со кошарката на нашите познати баскет турнири 3×3 Македонија. „Инаку, по занимање е мој личен истрениран и трпелив фотограф, кој понекогаш знае да превртува со очи“, се шегува Црнокрак и додава: „Секогаш ме поддржува во која било работа што ја правам и е мој најголем фан. Некогаш знае да покаже и љубомора, што е нормално како и кај секое машко, ама тоа е во умерени граници“.

Ни откри дека нејзините родителите го бендисале уште од прва, пред сè поради тоа што е културен и воспитан, но, и поради неговото добро однесување кон неа, раскажува таа.

„Да бидам искрена татко ми отсекогаш знаел за мојот претходен љубовен живот и секогаш се интересирал меѓутоа индиректно, ја потпрашуваше мајка ми. Неговата реакција за Виктор беше изненадувачки позитивна и за првпат го изнесе своето мислење сам, со неговите стекнати импресии. Светле е како моја најдобра пријателка, секогаш е во тек со сите настани. И двајцата ме поддржуваат, и нормално доколку некогаш грешам, тие се тука да ми укажат на тоа‘, искрена е ќерката на Мики и Светлана Црнокрак.

Таа ја освои наградата Мис фотогеничност, на изборот Мис Европа кој се одржа во Бејрут. Вели дека да се биде дел од манекенско семејство е прекрасно и дека е горда на своите родители и нивната професија, заради која и таа се впушти во модните води.

„Уште од мала одев со нив по ревии и настани и гледав што работат, па тоа ми стана секојдневие. Интересно ми беше кога ќе ги видев на телевизија и им мавтав гледајќи ги од дома. Горда сум што го носам презимето Црнокрак и што сум нивна ќерка, но понекогаш луѓето ме гледаат со разни предрасуди и со превртување очи. Кога ќе ме запознаат го менуваат своето мислење. Често сум добивала коментари од луѓе: ’Мислев дека си некоја разгалена девојка’ . Секако дека презимето ми отвора и ми пружа многу предности, но никогаш не сум гледала тоа да го искористам“, искрена е Моника.

Неодамна таа се облече во фустан што нејзината мајка го носела пред 30 години. Интересно беше да се види споредбата и да се слушне приказната за малиот црн фустан кој се појавил од плакарот.

„Фустанот од времето на мајка ми неочекувано излезе од плакар како предлог за новогодишна забава. Кога, ете го татко ми се појави тука и ме праша од каде сум го извадила тоа фустанче од мајка старо околу 30 години. Се изненадив. Не знаев дека всушност таа го носела кога имала 19 години, па така тргнавме да бараме слики од неа во истиот тој фустан, па направивме интересна споредба каде навистина личиме една на друга.“, вели Моника.

Моника се занимава со манекенството и модата во слободно време и како хоби. Таа дипломираше маркетинг на Економскиот Факултет на Универзитетот св. Кирил и Методиј во Скопје и уште пред завршувањето, работи во Garmin Macedonia.

Со нејзината сестра Нина се 13 години разлика и за неа вели: буквално сум како втора мајка и навистина ми е мило што имам помала сестра која ја учам на правиот пат и го доживувам со неа она коешто сум го поминала на нејзини години.

Со менувањето на времето и она што денес постои, понекогаш јас учам и дознавам нови работи од неа, па и како постара сестра сум должна јас неа повеќе да ја слушам. И покрај големата разлика, многу сме поврзани и владее силна хемија меѓу нас, вели Моника.

Александра Георгиев

Scroll to Top