Поп-пејачката Тамара Тодевска ќе нè претставува на изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Тел Авив, Израел во мај, објави Македонската телевизија. Неколку композитори веќе прават песни за Тамара и наскоро таа и тимот од МРТ ќе ја изберат најдобрата и онаа што најмногу ќе одговара на стилот и вокалот на Тамара. Песната ќе биде промовирана на крајот на февруари.
Ова ќе биде четврто учество на Тамара на Евровизија, но овојпат таа првпат ќе пее сама. Првпат Тамара пееше на Евровизија во Истанбул во 2004 година како придружен вокал на Тоше Проески. Потоа ја претставуваше Македонија во Белград во 2008 година со песната Let Me Love You, а ја испеа заедно со Адријан Гаџа и Раде Врчаковски – Врчак. Таа пееше придружни вокали во 2014 година на песната To The Sky, кога Македонија ја претставуваше нејзината сестра Тијана.