Добрила Ивановска-Чабриќ, 91-годишната победничка на првата сезона од музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, во интервју за српските медиуми неодамна раскажала дека нејзиниот син не сакал таа да се пријави во шоуто. Тој не го сакал ваквиот тип емисии, ама Добрила имала голема поддршка од пријателите кои инсистирале да се обиде и да се пријави на аудицијата.
„Среќна сум поради победата, тоа беше круна на сè што работев низ годините. Не сакам да застанам ни сега, се надевам на некој ангажман во Белград и дека ќе добијам некоја монодрама. Мислам дека ќе живеам 100 години, и тогаш ќе пеам. Имам време да направам уште многу работи“, рекла Добрила.
Во интервјуто таа открила дека имала тешко детство, особено пред Втората светска војна.
„Потекнувам од мешовит брак, татко ми е Македонец, а мојата мајка е Србинка. Родена сум во Дојран, ама некое време живеевме во Гевгелија. Поради Втората светска војна моравме да го напуштиме домот. Бугарите, кои беа главни во Македонија пред војната, ѝ дадоа ултиматум на мојата мајка да ја продаде куќата и да ја напушти земјата во рок од 15 дена. Беше сама, бидејќи татко ми во тоа време постојано беше на работа во Србија. Тогаш се преселивме во куќата на дедо ми во Пожаревац“, раскажала Добрила.