На денешен ден е роден Ристо Шишков: Детето бегалец стана маркантен актер

На денешен ден (23 март 1940 година) во селото Мрсна, кај Серез, Егејска Македонија (сегашна Република Грција), роден е Ристо Шишков, македонски драмски, филмски и телевизиски актер, еден од најталентираните во македонската актерска уметност. Академија за театар завршил во Белград.

Постојан член на Македонскиот народен театар станал од 1964 година. Во децениското живеење на оваа сцена остварил многу ликови како и бројни незаборавни ролји во македонски играни филмови „Републиката во пламен“, „До победата и по неа“, „Црно семе“, „Жед“, „Истрел“, „Црвениот коњ“ и други. Бил проследуван од тајните служби на СФР Југославија и СР Македонија како македонски националист и бил осуден и затворен.

Умрел во Скопје, на 17 јуни 1986 година.

Кој е Ристо Шишков?

Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичката судбина на децата бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува.

Ристо Шишков во 1979 е обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и навреда на Тито. Во 1980 е осуден и заминува во затвор. По боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.

Едуциран според принципите на театарската школа на Станиславски, односно според онаа варијанта на таа школа каква што се практикуваше (како метод) на тогашната белградска Академија, Шишков темелно ги совладал нејзините два најсуштествени методолошки посулата: актерско/творечко самопочитување и фамозниот процес на преживување.

Неспорно талентиран и неспорно одлично подготвен за својата идна мисија, Шишков најпрво чиракувал во реномираниот театар каков што е Југословенско драмско позориште. Во раните шеесетти години овој театар се уште важел за репрезентативна институција во која има место само за најдобрите. Несомнено е дека Шишков е еден од нив.

Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, “Води”, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, додека бројот на радиодрамите не може да се утврди, заради непостоечка документација. Безмалку половина од сите ролји што ги одиграл се главни, околу четвртина се насловни: Иванов, Дон Цезар, Мезгрејв, Хелдерлин, Леоне Глембај, Питу Гули, Гоце Делчев…

Добитник е на две филмски награди – и двете на Фестивалот на актерски остварувања во Ниш, за филмовите “Планината на гневот” (1967 година) и “Најдолгиот пат” (1976 година) и на само една театарска награда на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата “Крчма под зеленото дрво”. Него го познаваат како маркантна физичка појава со нагласена присутност не само на театарската сцена, туку и во секојдневниот јавен живот, со “општомедиумска слава”, екстровертна личност со “бујна” природа…..

Прославениот македонски актер Ристо Шишков живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога најмногу беше потребен. Прерано замина од драмската сцена, филмот. Сепак, тој остави впечатливо актерско дело, остварено најмногу на театарската сцена. Зад себе остави брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња – Ристо Шишков.

 

 

Scroll to Top