„На гробот ти ја пуштив омилената песна и плачев“: Тамара емотивна на годишнината од смртта на Влатко

Поп-пејачката Тамара Toдевска, која му беше најдобра другарка на пејачот Влатко Илиевски, на годишнината од неговата смрт го посети неговиот гроб. На гробот Тамара ја пуштила омилената песна од Влатче и вели дека плачела како дожд да лие. Потоа, со емотивна порака на „Фејсбук“ таа се сети и на нивниот последен муабет. Вели, на ќерката Хана често ѝ зборува за Влатко и жали што таа била премногу мала за да го памти.

„Бев да ти запалам свеќа. На твоето вечно почивалиште. Празно и пусто. Твојата слика, неколку пива и догорени свеќи. Ја пуштив од кола твојата омилена песна, се изнаплакав како дожд што лие и си продолжив. Ми зборуваше дека јас ќе бидам таа што ќе ти доаѓа на гробот. Не ти верував. Во многу работи не ти верував. Меѓу нив е и онаа последна реченица: ‘Дојди Тами да се видиме, ќе ме нема набргу’. Ти се изнасмеав и ти реков, ќе те барам. И си отиде. Те нема. Еве веќе две години.

Нема ден да не помислам на тебе. На Хана ѝ раскажувам многу често за тебе и цело време ѝ викам колку ми е жал што не те памти. На мама другарот. Најдобриот. Никој никогаш нема да го заземе твоето место зашто ти беше единствен. Моето сино око. Мојот најверен пријател. Мојот натапиран скакулец, мојот Влатче. Вечна ти слава!’, напиша Тамара.

Тамара и Влатко заедно ги почнаа своите музички кариери уште во времето кога тој беше вокал во групата „Морал“. На естрадата важеа за најдобри и неразделни пријатели. Влатко почина на 6 јули 2018 година, беше пронајден мртов во автомобилот на булеварот Трета македонска бригада.

Scroll to Top