На 𝟤𝟨 јуни започнува битолското културно лето „Бит фест“

Со концерт на македонската музичката група „Леб и сол“, на 26-ти јуни, во античкиот локалитет „Хераклеја“, ќе започне 17. издание на Битолското културно лето. На денешната прес-конференција, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, информираше дека „БИТ ФЕСТ“ оваа година ќе трае до 31 август и ќе содржи културни содржини кои ќе бидат вистинска атракција за битолчани, но и добра можност за поттикнување на културниот туризам во градот.

„Програмата ќе се реализира во соработка со КИЦ и националните установи од културата, но и со учество на голем број домашни изведувачи, уметници и културни работници кои ќе претстават доста интересни одржини за сите возрасти. Целосната програма ќе биде објавена во следните 10 дена, кога ќе имаме и точно заокружена рамка на планираниот буџет за културните содржини ова лето, вклучувајќи ги сите манифестации за кои имаме обезбедено финансиска поддршка како општина, а ќе бидат дел од културните содржини кои ќе се реализираат во градот ова лето.

Традиционални манифестации, како: Битола отворен град, Локум фест, Парко – фестивал, Илинденски денови, Битолино – Детски театарски фестивал, Мјузикленд, Фестивал на староградска музика, Широк сокак во бело, исто така се дел од БИТ ФЕСТ.

На 3 август, Битола ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани во историјата на градот. На Градскиот стадион „Петар Милошевски“ ќе настапи светската музичка ѕвезда и еден од највлијателните DJ артисти на сите времиња – Армин ван Бурен. За овој настан општината го обезбедува просторот и потребната логистичка поддршка“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Директорот на ЈОУ КИЦ, Благојче Божиновски, истакна дека и оваа година КИЦ е значаен партнер на општината, како во подготовката на програмските содржини, така и во обезбедување на логистичка поддршка во реализацијата на програмата.

На денешната прес конференција присуствуваа и членовите на групата „Леб и сол“, кои најавија дека од Битола го започнуваат одбележувањето на големиот јубилеј 50 годишнината од постоењето и активното работење на групата.

„Ви благодариме Битола. Ни давате верба во живот, дека она што сме го правеле во изминатите 50 години, вредело и оставило трага во нашата меморија и во нашата музичка историја. Тоа е нешто што длабоко во душата секој го посакува: да биде почитуван и сакан, затоа што чувствувам дека онаа моја искреност и желба со која сме го работеле сето ова и вербата дека хармонијата во музиката може да се пренесе и во хармонијата на живеењето има некој што знае да го почитува и ќе го чуваме и ќе го оставиме за следните поколенија. Ова е само една алка во нашата историја, која покажува дека сме постоеле и ќе постоиме понатаму. Само искрено со верба во животот и љубовта и со полно срце можеме да ги поделиме вековните вредности. Ви благодариме многу и ќе се обидеме да бидеме квалитетни како и секогаш“, велат од „Леб и сол“ и најавуваат прекрасен концерт на 26 јуни во Хераклеја.

Scroll to Top