На Кире Лазаров не му доликува да рекламира фирми за продажба на пари: Зоран Спасов – Ѕоф за денешните идоли кои треба да се пример на генерациите

По вчерашниот пораз на Македонија на Светското првенство во Полска, кој беше трет во низа, јавноста не престанува да го критикува селекторот Кире Лазаров. Ракометните фанови не кријат дека се разочарани од неговата работа и сметаат дека донел погрешни одлуки и во изборот на ракометарите и во стратегијата. Но, има и такви кои велат дека на селектор на национален тим и врвен спортист како Лазаров не му доликува да рекламира коцкарници и брзи кредити.

Меѓу оние што не го кријат разочарувањето е и Зоран Спасов – Ѕоф, авторот на книгата „Џабе живиш у Скопје“, која за кратко време стана најпродавана во „Литература“. Тој пред почетокот на Светското првенство во „Репортер“ зборуваше за хит-книгата, за своите херои, но и за изместените вредности меѓу тинејџерите и за луѓето кои им се денес идоли на младите. Па вели, не може да се помири со тоа што некои од најдобрите македонски спортисти денес рекламираат фирми за продажба на пари.

„Во денешно време херои се луѓе што не треба да бидат херои. Ние имаме квалитетни луѓе што треба да бидат пример на младите генерации, но ги омаловажуваме зашто Македонецот е секогаш повеќе ценет надвор отколку дома. Но, и тие рол-модели што ги имаме прават погрешни чекори. Јас не можам да се согласам дека Кире Лазаров и Иџе рекламираат фирми за продажба на пари. Тоа не им доликува на тие два лика што треба да бидат пример за сите генерации. Нека ми простат што го кажувам ова, ама така го чувствувам“, рече Ѕоф.

Авторот не крие дека негов идол отсекогаш бил Јосип Броз Тито, па инспириран од него ја напиша книгата „Тито мојот претпоследен херој“.

 

 

Scroll to Top