Нема фајде од носталгија ако срцето ти е таму кај што ги плаќаш сметките: Долг аплауз за Александар Микиќ на премиерата на „Торонто експрес“

Со долг аплауз и публика на нозе беше поздравен актерот Александар Микиќ на премиерата на „Торонто експрес“. За новата хит-комедија, која од вчера се игра во МНТ, се бара карта повеќе, а е одлично четиво за причините зошто Македонците бегаат од тука и дали реално има фајде од носталгија.

Комична приказна спакувана во еден час, во која Микиќ успеа да ја насмее публиката до солзи, играјќи го ликот на Божо Вампирот, Македонец која заминал со фамилијата во Канада за да си ја бара среќата. Режијата е на Јордан Симонов, а сценариото е работено по збирката есеи „Тибам штркот“ на авторот Зоран Спасов – Ѕоф.

„Торонто експрес“ ја раскажува реалноста за иселениците и го дава одговорот на прашањето зошто луѓето бегаат од Македонија. Божо Вампирот, кој доаѓа во Канада со сопругата Вале и синот Климе, каде освен својот баџо не познава никој, треба да се навикне на совршениот живот во Торонто каде што  нема невработеност. За политика и да не правиме муабет, оти таму билборди и кампањи не постојат.

„Торонто експрес“ ја раскажа приказна на културниот шок на Вампирот, кој беше во чудо што комшиите не му викаат добар ден оти не си ја искосил тревата до 4 инчи, па ја руши идеалната слика на дворовите. Научна фантастика е да запалиш цигара на паркинг, а ќе ти се случи Матрикс ако фрлиш хартивче на улица. Збунет што од паркови и голф терени не се гледаат зградите, а снег се чисти од улиците како никогаш да не паднал, Александар Микиќ успеа да ја насмее публиката и да измами аплаузи среде актерската игра.

Единствено Вале, сопругата на Вампирот, скроз се најде таму, па неа, вели актерот „со кран не можеш да ја вратиш во Македонија. И уште милион други причини зошто е убав животот во Канада, но и носталгијата за Македонија, каде кога ќе се вратиш после долги години, сфаќаш дека ништо не е исто. Ниту улиците ниту луѓето, па колку и да те убива носталгијата, сфаќаш дека срцето ти е таму каде што ти се сметките.

„Торонто експрес“ е вистинска приказна, спакувана во еден час. Реална, со одличен хумор, а Александар Микиќ како единствен актер на сцената успеа да ја извлече до крај целата претстава, а публиката го испрати со стоечки овации.

Следните претстави на „Торонто експрес“ се закажани за 20 декември, па 25 и 26 јануари.


 

Scroll to Top