Македонскиот актер Никола Ристановски ја доби наградата за најдобар машки актер на театарскиот фестивал „Нов тврдина театар“ во Нови Сад. Наградата ја доби за улогата на д-р Томас Стокман, во претставата „Народен непријател“ во режија на Нина Николиќ на Македонскиот народен театар.
Со оваа претстава на 1 септември МНТ го отвори деветтиот театарски фестивал во Нови Сад. Во официјалната програма учествуваа шест претстави од најголемите театарски куќи од регионот, а во чест на наградените, вчеравечер се одигра претставата „Љубов и вина“, во режија на уметничката директорка на фестивалот, Вида Огњеновиќ.
Никола Ристановски веќе 30 години има успешна кариера во Македонија, но и во регионот. Во овој период тој играл голем број театарски, филмски и телевизиски улоги и важи за најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар.
Претставата „Народен непријател“ на 5 ноември ќе гостува и во Италија.