Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот министер за здравство Никола Тодоров поради сомнение за сторено кривично дело -Несовесно работење во службата. Кривична пријава против ексминистерот за здравство е оти не ја активирал банкарската гаранција на хрватски „Конструктор“, кој доцнел со изведување на градежните работи во неколку здравствени установи.
Кривична пријава за истото дело е поднесена и против П.В., раководител на Единицата за имплементација на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи во РМ при Министерството за здравство.
Како што соопшти Финансиската полиција, кривичната пријава се однесува на договори склучени од Министерството за здравство во 2010 година за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за болниците во Куманово, Кочани и Крива Паланка со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.