Њоки со четири вида сирење по рецепт на Јоце Панов

Пејачот Јоце Панов последниве месеци внимава на исхраната и се обидува да се храни здраво. Но, едно од неговите омилени јадења се њоки со четири вида сирење кои ги подготвува и за себе, ама и кога ќе му дојдат гости.

„Ова е лесен, едноставен рецепт, ама уште поважно – вкусен. Ги обожавам“, рече Јоце за „Репортер“.

За овој рецепт ќе ви требаат 50 мл. слатка павлака, 70 гр. Пармезан, 30 гр. Горгонзола, 70 гр. Моцарела, 70 гр. тврдо сирење, 1/2 лажица брашно, 1 кг. смрзнати њоки, 2 лажици презла, малку сечкан магдонос, сол и бибер по желба и 2 јајца.

Сварете ги њоките според упатството дадено на пакувањето, па подгответе го сосот. Во широк, а плиток сад, на тивок оган ставете ги павлаката и сирењата. Мешајте додека сирењата да се стопат. Додајте го брашното, зачинете со сол и бибер, па тргнете го садот од огнот. Измешајте ги јајцата и додајте малку магдонос. Њоките ставете ги во голем огноотпорен сад. Прелијте ги со подготвениот сос и посипете со малку презла. Печете на загреана рерна на 200 степени околу десет минути.

Scroll to Top