Од Свети Николе до Нант, за да се биде најдобриот стрелец во светот: Кире Лазаров промовира Автобиографија

Најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите, ракометарот Кирил Лазаров, наскоро ќе ја промовира својата автобиографска книга „Секогаш на победа“ на македонски јазик. Промоција е закажана за следната недела во Скопје.

Тој во соработка со српскиот новинар Жика Богдановиќ, основач на регионалниот ракометен портал „Балкан-Хандбал“, ја пренесе на хартија својата ракометна и животна приказна. Почнувајќи од неговото најрано детство во Свети Николе, преку адолесенцијата и првите ракометни успеси до Нант, францускиот тим каде што до ден-денес настапува.

Книгата содржи бројни анегдоти и автентични искуства на легендарните тренери Лино Червари и Талент Душебаев, новинари и соиграчи на Кирил Лазаров, но и лекции кои ќе послужат како водич за сите идни генерации.

„Мило ми е што проектот го доведовме до крај со големо задоволство на сите кои учествуваа во него. На крајот од една фаза од мојот спортски живот, сакав да оставам една ваква книга зад себе, од која луѓето ќе научат многу работи. Читателите ќе добијат подобар увид во тоа како спортист, без разлика колку е успешен, мора да тргне на патот кон постигнување на своите цели. Се надевам дека луѓето во Македонија, а наскоро и во целиот регион, ќе ја прочитаат книгата во еден здив“, вели Лазаров.

Покрај македонско, автобиографијата ќе добие и српско издание кое се очекува да излезе од печат во ноември.

Scroll to Top