„Од тага никогаш нема да стапнам во Орешани“, Гоце Тодоровски се прости од најдобриот пријател

Денеска во Драмскиот театар во Скопје се одржа комеморација за актерот Ванчо Петрушевски, кој почина во саботата од струен удар во својата викендичка во Орешани. Од доајенот на македонското глумиште се простија многу негови колеги, а најемотивен беше Гоце Тодоровски, кој со солзи во очите раскажа за неговото пријателство со популарниот Рамче.

„Повеќе бев со Ванчо отколку со самиот себе, 57 години бевме заедно. Викендичката во Орешани беше омиленото место на Ванчо, често бевме таму и заедно. Од тага, веќе никогаш нема да стапнам таму“, рече низ солзи Тодоровски.

Глумецот не успеа да го прочита напишаниот говор, па го фрли ливчето што го држеше во рацете.

„Твојот уникатен талент и актерско мајсторство не можат да се копираат“, додаде Гоце.

На комеморацијата говореа и актерите Кирил Андоновски и Благоја Чоревски.

Ванчо Петрушевски загина на 67 години. Починал од струен удар додека заварувал качен на метална скала со електричен заварувач на пластични цевки. Полицијата, која ја потврди причината за смртта, откри дека актерот починал на местото на настанот. Ванчо во вилата во Орешани одел често, особено во летните месеци, доаѓал да се одмори од обврските и градскиот метеж. Зад себе има голема актерска кариера, играл во бројни театарски претстави, серии и филмови.

Фото: 1тв

Scroll to Top