Одлични рецензии за „Македонисимо“ на Симон Трпчески во Америка: „Амбициозен проект инспириран од македонскиот фолклор“

„Македонисимо“, последниот албум на виртуозот на пијано, Симон Трпчески, доби одлични критики во американските медиуми. Неколку реномирани магазини им го препорачаа албумот на своите читатели и го нарекоа „одличен и амбициозен проект што го промовира македонскиот фолклор во светот“.

Најстариот американски магазин за рецензии „Америкен рекорд гајд“, кој е основан 1935 година, за новиот албум на Трпчески напиша: „Народната музика во неговата родна Македонија е преполна со ритмичка виталност и модална убавина. За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и така е уште од детството. За ‘Македонисимо’ тој групирал песни и танци во шест фолклорни збирки. Македонскиот композитор Панде Шахов потоа ги транскрибирал за Трпчески и остатокот од квинтетот ‘Македонисимо’, составен од професионални класични и фолклорни музичари. Тие во 2017 тргнаа на меѓународна турнеја со проектот, што доведе до овој албум. И тоа каков албум“, пишува критичарот Нејтан Феро.

И американскиот двомесечник „Фанфер“, кој е специјализиран за класична и џез-музика, им препорача на своите читатели да не го пропуштат ова музичко издание.

„Одличниот пијанист Симон Трпчески се гордее со своето македонско наследство и овде прави пауза од Рахманинов и Прокофјев за со група од уште четворица музичари да почне програма од македонската народна музика. ‘Македонисимо‘, јазична мешавина што слободно може да се преведе како ‘мошне македонско‘, ја доловува суштината на музиката“, пишува „Фанфер“.

Најавената концертна промоција на албумот „Македонисимо“ во Америка е одложена поради пандемијата, а новите термини ќе бидат објавени набргу.

 

Scroll to Top