Ориѓански бара оставка од министерот за култура, Бобан од „Авалон“ го нарече мрсулко

Македонскиот музичар Златко Ориѓански му се налути на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, по одлуката Министерството да даде 100 илјади евра за поддршка на 25 концерти што ќе ги организира продукцијата „Авалон“.

Па, така, тој на својот фејсбук-профил јавно го прозва Алаѓозовски велејќи: „Министре за култура, ако на приватна фирма сте доделиле 100 илјади евра за одбележување на нејзината работа, дали тоа значи дека секоја македонска фирма, независно дали прави бурек или шишиња, може да побра иста таква сума за својата прослава на 25-годишнина“.

Понатаму, тој му рече на Алаѓозовски дека за оваа битангарска работа треба да си даде оставка. По ова, реагира и првиот човек на продукцијата „Авалон“, Бобан Милошевски, кој се најде директно повикан во реакцијата на Ориѓански. И Бобан се огласи на својот фејсбук-профил, па му напиша: „Бев решен на премолчам, ама не можам бидејќи се шират дезинформации, особено кога вакво нешто пишува комбинација од мрсули и прдеж, како Златко Ориѓански, човек што по неколку испиени „лози“ собира храброст да напише постови, а после ги брише“, вели Бобан од „Авалон“.

Во продолжение тој објасни дека сумата од 6.000.000 денари е доделана за да се помогне да се реализираат неверојатни 25 проекти во една година и да се поврати мејнстрим-мирот и да се победат турбофолкот и кич-културата во Македонија. И додава: „Ако поради незаинтересираност на државата ги префрлев тие 20 светски проекти во Албанија и овде немаше ништо, тие ќе бараа оставки породи незаинтересираност на државата“, вели Бобан од „Авалон“. Првиот човек на Авалон, во изјава за „Репортер“, ни кажа дека стои зад се тоа што го напишал на Фејсубик.

„Апсолутно стојам зад секој мој збор напишан на социјалните мрежи во врска со оваа работа“, ни изјави Бобан Милошевски. (А.Г.)

Scroll to Top