Поп-пејачката Нина Јанева од неодамна објави фотографии дека е прилично ослабена. Ни откри дека од март до сега намалила 25 килограми и дека се чувствува одлично. Не било лесно да се реши, но сепак, кога конечно се нафатила за ова, вели дека сега не планира да застане додека не ја доведе во ред тежината и не ја добие посакуваната фигура.
„Мислам дека веќе беше крајно време да го променам сето она што не ми се допаѓаше кај мене. Вишокот килограми, корекција на веѓите, промена на исхраната се само дел од нештата кои пред се донесоа свежина во еден негативен и тензичен период кој сите го поминавме затворени дома. Процесот започна со самиот почеток на снимањето на ‘Опуштено’ кога Александра Јорева Михајловски ме поврза со Елеонора Ефтимова и започна мојата љубов со Реина и Гуам“, го започнува мубетот Нина.
Освен за килограмите, разговаравме и за бракот, црниот фустан-комбинезон во кој се омажи, зошто детето го крсти по Арја од „Игра на тронови“ и смета ли дека Тамара имаше поголем јавен линч иако и двете ја згрешија химната
Колку килограми изгуби и колку конфекциски броја намали?
Од 13 март до 9 мај имав изгубено околу 17 килограми, на следните контроли обемот продолжи да се намалува драстично, телото се дренира со масажи и детокс пакувања кои траат и до час и половина. До сега се околу 25 килограми изгубени и два конфекциски броеви. Си поставив и цел уште на почетокот. Всушност целта ја поставивме со Нора и тоа е, ќе одиме до крај, или што би рекле до дно. Додека не видам дека ми се допаѓа тоа што го гледам, не престануваме. Процесот не е за една ноќ или 6 месеци и затоа е здрав. Следна цел е да најдам добар тренер и да продолжам и покрај третманите и со активно вежбање бидејќи беше потребен период без физичка активност за да се дозволи топење на масните наслаги без дополнително зацврстување со вежбање.
Дали слабеењето има врска само со физичкиот изглед или имаше и здравствени проблеми?
Здравствени проблеми немав никакви, секакви испитувања поминав од контролен аспект во изминатите години, па и во бременоста, но и после породувањето. А пандемијата настапи неколку месеци откако се роди Арија па и немавме можност да се придвижиме и вратиме во нормала после зимскиот период со новороденче. Едноставно на толку негативни работи кои ги читаме секојдневно посакав да направам нешто позитивно. Затоа и ја стартував кампањата за убавина преку која до сега ме имаат исконтактирано многу девојки и жени кои со години се соочуваат со ист проблем и сакаат да го решат.
Колку го смени начинот на исхрана? Што ти фали најмногу од менито?
Првиот месец ми беше предизвик: Еднолична исхрана на дневна база, но строго варено и потпечено или динстано без зачини.Веќе после првиот циклус исхрана следеа и втор и трет и четврти, а сега сум на петтото мени. Некои циклуси траат 2 недели, некои три, некои 12 дена. Програмата е индивидуализирана за секој третиран организам и зависи од здравствената состојба и состојбата на вишокот килограми. Уживам во тоа што го готвам, не ми беше проблем исхраната иако ти недостигаат малите задоволства сепак се издржува. Најмногу од се ми недостига кока колата.
Кој ти е најголема поддршка?
Буквално сите ме поддржуваат. Сопругот Александар ми е најголема поддршка, родителите, сестра ми. Сите што ме знаат и ми посакуваат здравје пред се.
Многумина се жалеа дека за време на карантинот качиле на килограми, кај тебе беше ли тоа случај?
Апсолутно бидејќи се совпадна со пост-породилниот период каде и онака не знаеш што ти е ноќ, а што ден.
Што би им советувала на дамите што сакаат да работат на физичкиот изглед ?
Да им кажам дека може. Има професионалци кои се грижат за тоа и навистина може. Им стојам на располагање на сите кои би сакале да дознаат повеќе за мојот пат.
Со Тони Михајловски ја заршивте сезоната Опуштено. Како беше да се работи со него?
Со Тони се познаваме од времето на аудициите за М2 кога јас бев кандидат. Се среќаваме на повеќе наврати, гостував кај него во емисија неколку пати, се случи скечот со сендвичарата, го напиша текстот за мојата песна од Скопски Фестивал “Блуз за” и градевме едно неагресивно пријателство и со него и со Александра. Се почитуваме, а идејата за емисијата беше комплетно нивна, односно на продукцијата и излезе дека е одлична. Да се биде пред камери со професионалци е секогаш чест, гордост но и обврска. Имаме дружење кое продолжува и надвор од камерите, а произлегоа и нови пријателства со драги и позитивни луѓе како Боби и неговото семејство, Славиша и неговото семејство, прекрасната екипа вработени во Алфа ТВ кои веќе ми недостигаат да ги гледам секоја недела и убавата македонска музика која ја негувавме и третиравме во секоја емисија.
Неодамна и ти ја згреши химната, како Тамара. Сметаш ли дека таа имаше поголем јавен линч од тебе и зошто?
Се чини дека интернетот ни одзеде се човечко во животот и односот со поблиските и подалечните. Јавниот линч се чини стана дозволива категорија за било кој што има пристап до интернетот. Згрешиле многу пејачи до сега, но ете во нашево време има интернет па тоа е така се некако помасовно, по нечовечки и вокабуларно слободно ќе кажам одвратно.
На ќерката и даде име лик од “Игра на Тронови“, до толку беше фан на серијата?
Фан сум на серијата од првиот момент кога ја гледав првата сезона некаде 2012 година. До сега сите сезони ги имам гледано околу 7-8 пати и ќе си ги гледаме сега на одмор пак.
Зошто носеше црна венчаница на свадбата?
Затоа што не беше венчаница туку свечен комбинизон-фустан заради фактот што склучивме само граѓански брак и вечера во присуство на 13 лица. Ми се допадна и го купив. Ја имам совршената венчаница во глава но неа ја спремам за црковната церемонија и забавата кои ќе се случат во блиска иднина.
Колку те смени бракот и колку сте си поддршка со сопругот?
Животот со Александар ми даде голема вистинска љубов, нови перспективи и нови кругови на луѓе, нови искуства и животни предизвици и препреки. Поврзани сме премногу и стоиме еден зад друг 100%!. Да се родам пак, истиот пат би го одбрала.
Кои се идните планови?
Во моментов имаме две готови песни со Александар Масевски, како продолжение на соработката која се покажа како успешна. Во преговори сме за два видео записи кои ќе ги промовираме некаде кон крајот на летото. А од аспект на другиот професионален домен од мојот живот, почетокот на есента ќе имам новитети кои тогаш ќе ги откријам.
Александра Георгиев