Ослабев речиси 30 килограми, сега имам малку сало околу стомакот и задник што не го давам за ништо на светот: Ивана Кнез раскажа како намали два конфекциски броја

Модната креаторка Ивана Кнез, која 12 години е дел од македонската сцена, по долгата борба со килограмите, конечно, ја има идеалната тежина. До толку е ослабена што може да влезе и во малиот црн фустан за кој сонувала сите овие години. Ако некогаш имала приближно 100 килограми и не можела да ја поднесе вагата, денес таа е среќна што има 30 килограми помалку, повеќе мотив и насмевка на лицето.

„Имав хроничен висок притисок, вагата покажуваше 98 килограми, а јас бев константно незадоволна и тоа водеше кон блага фрустрација. Почнав да манифестирам гнев кон сè околу мене, дури и без да знам зошто е тоа така. Станав огорчена и не само што трпев јас, туку и моите најблиски, а цел свет ми беше крив што сум незадоволна од себе. Требаше или да продолжам да живеам во гнев и да не преземам ништо или да речам стоп и одново да почнам љубовна приказна со самата себе. И првин си простив, а тоа е најтешкиот дел. Потоа си реков дека е потребно време оти ништо не дава трајни резултати преку ноќ. Ги исфрлив белиот шеќер и брашното и си дозволив да испробам сè за да го пронајдам тоа што ќе ме направи среќна и задоволна без форсирање“, ни раскажа Ивана за „Репортер“.

Освен што намалила со храната, Ивана почнала и да вежба. Првин дома на орбитрек, па продолжила во сала за вежбање. Одењето на редовни тренинзи го дало својот резултат. Па, така, од 98 паднала на 65 килограми. Но, вели дека изгледала неубаво, како да е болна, со испакнати коски и дупки во очите.

„Насилно го злоупотребував сопственото тело и пак отидов во екстрем. Кога конечно сфатив дека сè што е премногу има краток рок на траење, почнав да го слушам сопственото тело. Си набавив лента за трчање, се опремив со реквизити што не ми прават стрес и сега вежбам 2-3 пати неделно за сопствен мерак. Кога почнав да вежбам, бев конфекциски број 44-46, а сега носам 38-40. Имам 74 килограми, малку сало околу стомакот и задник што не го давам за ништо на светот. Висока сум 178 см и сакам, кога ќе се видам, да си се допаѓам, а туѓото мислење не ме допира“, раскажа таа.

Дизајнерката, која е позната по смелите секси креации и мачката како заштитен знак, не крие дека долго време живеела под постојан стрес. А тоа ѝ предизвикало здравствени проблеми. Во разговорот ни призна дека ѝ требале десет години за да спознае што ѝ е приоритет и да почне да слабее. И поради здравјето, но и за да си се допадне кога ќе се види во огледало.

„Веројатно, како и секоја жена на светот, еден од главните мотиви ми беше физичкиот изглед. Многу сакав да облечам црн мал тесен фустан и да бидам задоволна од она што го гледам во огледалото. Ми требаа цели две години и уште две години падни-стани за да дојдам до сликата што ја сакам. Сфатив дека е важно да се опкружиш со луѓе што те исполнуваат, а не да те исцрпуваат. Дека малите љубовни работи се поважни од материјалните, а туѓата перцепција за тебе не е реалност. Сфатив и дека јас сум си единствениот непријател на светот и дека само со себе треба да се натпреварувам“, рече Ивана.

Низ разговорот ни откри и дека си поставила неколку цели, но најважно ѝ било да научи да јаде без да се прејадува и да ужива во секој залак.

„Кога се преработувам, повеќе јадам и повеќе внесувам протеини. Понекогаш една лажица мед може енергетски да ми го промени целиот тек на денот. Основа во исхраната ми се зеленчук и овошје, но точно знам во кој момент што ми е потребно и повеќе за да не завршам повторно на инфузии како што често умеев да си го приредам тоа“, вели Кнез, која последниве години најчесто сама ги рекламира своите креации.

По многу години борба со себе и со килограмите, Ивана вели дека има совет за дамите: да не чекаат, да не одложуваат, да не бараат изговори и да не се откажуваат.

„Станете од кревет, пешачете, трчајте, вежбајте фитнес, пилатес, пронајдете се, не прегладнувајте се, пијте вода наместо сок, следете го она што ве мотивира и исполнува, а престанете со она што ве фрустрира. И почнете веднаш. Утре не постои, вчера помина, има само сега и овде“, рече Ивана.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top