Меѓу најголемите мистерии на христијанството, кои постојат и денес, се прашањата каде е погребан Исус, кои тајни се кријат во Торинското платно и каде се деловите од крстот на кој бил распнат пред смртта.
По смртта на Исус, римските власти во Ерусалим решиле да го сокријат крстот бидејќи се плашеле дека апостолите ќе го бараат. Три крста, од кои едниот бил оној на кој бил распнат Исус, биле закопани во земја во близина на Голгота. Дури по 300 години, Света Елена, мајката на царот Константин Велики, ја започнала потрагата по нив. Бидејќи имало три крста првпат се поставило прашањето од каде таа знаела кој е светиот крст.
Една приказна вели дека крстот можел да се идентификува благодарение на плочата со името на осуденикот. Други извори кажуваат дека дознале кој е светиот крст откако со него излекувале болна жена на смртна постела.
За што повеќе луѓе да се поклонат на светите мошти, крстот бил распарчен, а делови биле испратени во Рим, Ерусалим и Константинопол.
Во текот на следните векови крстот многупати бил изгубен. Во VII век, дел од крстот бил во сопственост на Персијците. За нив тоа немало религиозно значење, но било корисно во преговорите со Византија. Меѓутоа, тогашниот император успеал во битка да го поврати крстот и потоа го вратил назад во Ерусалим.
На преминот од X и XI век, муслиманите почнале да ги прогонуваат христијаните во Ерусалим. Христијаните потоа го скриле крстот, а по ослободувањето на Светата земја го однеле во црквата на Светиот гроб. Меѓутоа, таму не останал долго. Крстот исчезнал без трага за време на Битката кај Хитин. Остатоците од крстот требало да им донесат среќа на крстоносците. Сепак, тие загубиле, а Ерусалим паднал под власта на султанот Саладин.
Другите два фрагмента од крстот биле релативно безбедни. Во XII век, Луј IX Светиот ги купил заедно со наводната круна од трње на Христос и копјето со кое бил прободен. Моштите биле скриени во Париз. По избувнувањето на Француската револуција, тие исчезнале. Останале само неколку поголеми парчиња од крстот. Денес, тие се чуваат во неколку европски храмови: во катедралата Свети Михаил и Гудула во Брисел, во базиликата Санта Кроче во Рим и во катедралата Нотр Дам во Париз.
Сепак, ова не се единствените останати реликвии. Честички на светиот крст се наоѓаат во црквите ширум светот, меѓутоа тие само се сметаат за Lignum Crucis, или „вистинско дрво на крстот“.