Град Скопје и Министерството му откажаа на Дарио, па „Авалон“ најави концерт за 40 години кариера на поп-пејачот

На 17 февруари Дарио и Миг 21 ќе одржат концерт во Филхармонија за да го одбележат јубилејот 40 години на македонската музичка сцена. Концертот е во организација на Авалон продукција и прв заеднички на Дарио и Миг 21, откако пред 17 години настапија во Универзална сала.

Дарио неодамна во интервју за „Репортер“, откри дека сака да одржи концерт со кој ќе одбележи 40 години успешна музичка кариера, но не криеше дека е разочаран што публиката државните институции и спонзорите не покажале интерес да му помогнат да го организира концертот.

„Многу луѓе кај и да се појавам ме прашуваат кога концерт. Но, ќе ти кажам една сурова вистина: од два милиона луѓе во Македонија, ако ги прашаш сакаат ли гратис мое цеде или карта за концерт, сигурно милион и осумсто ќе кажат да. Ако има кажеш дека треба да платат карта од 500 или 1000 денари, тогаш ќе прифатат само неколку илјади луѓе. Нашиот народ уште не знае да го цени, да го почитува и да го плати своето. Туѓото е секогаш подобро и се плаќа поскапо. Сега се вадат дека музичарите од странство вложувале повеќе во себе. За концерт на српски или хрватски музичар на Македонецот не му е проблем да плати 1.000 или 2.000, а за македонски изведувач му е тешко да плати и 200 денари. Јас сум вложувал во себе и вложувам колку што се можностите и се трудев од петни жили да го направам тој концерт. Државата не беше заинтересирана, Град Скопје не беше заинтересиран, дури не ми вратија ни одговор зошто, најголемите фирми во Македонија со кои исконтактирав исто не покажаа интерес за 40 години константно успешна музичка кариера,“ рече неодамна Дарио во интервјуто.

Концертот на Дарио е во склоп на проектите на Авалон продукција со кои ќе слави 30 години постоење.

„Публиката ќе има можност, во блиска средба со македонската поп-легенда, да ужива во многуте безвременски хитови изведени во живо со Миг 21, во уште поатрактивни аранжмани од студиските верзии. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од среда, 18-ти јануари, од 9 часот наутро онлајн, по цена од 1.200 денари и вип влезници по цена од 1.500 денари”, велат од Авалон продукција.

Scroll to Top