Панчев откри за подмитувањето и најважниот пенал во финалето против Марсеј

Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев се потсети на убавите времиња од 1991 година кога на денешен ден се играше големото финале меѓу  Ѕвезда и Марсеј, а тој го постигна решавачкиот пенал и му обезбеди на својот тим европска титула. Во интервју за српски „Телеграф“, Панчев вели дека и тој ги има слушнато приказните дека тогаш првиот човек на Марсеј, Бернард Тапи, се обидел да ги подмити, но вели дека ништо од тоа не е вистина.

„Јас таа приказна ја слушнав на телевизија. Дека Тапи наводно нудел многу пари. Никогаш до тогаш не сум слушнал ништо слично. Наводно на некои од нас ни нуделе и по 500.000 долари. Верувајте ми,не би прифатиле ни милијарда. Да се разбереме, таквиот трофеј нема цена“, вели Панчев.

Панчев вели дека местенки немало пред сè поради системот кој претходно го смислил поранешниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија и селектор на тогашната репрезентацијата на СФРЈ Миљан Миљаниќ. Со таквиот систем немало никакви можности да се наместат мечевите.

„Системот на Миљаниќ беше сјаен и може да се применува и денес. Преку неговиот систем се спречуваа местенки и договарања, затоа што некој од тимовите сигурно ќе остане без бодови. Од друга страна на гледачите им беше интересно и остануваа до крај да ги гледаат пеналите. Тоа покојниот Миљаниќ одлично го имаше смилено“, открива Панчев.

Поранешниот фудбалер вели дека експедицијата од Белград пристигнала ден порано во Италија, со цел да се подготват за финалниот меч. Базата им се наоѓала во Мелограно, каде се наоѓале и хотелот и тренинг-центарот на фудбалскиот клуб „Монополи“. Челниците на „Ѕвезда“ сакале тотална изолација, што во еден момент наишло на разбирање кај играчите.

„Нам ни беше полесно во однос на Марсеј, затоа што во тоа време во југословенското првенство имавме пенали кои се случуваа на крајот од мечевите кои завршуваа со нерешен резултат. Практично ние бевме воиграни. Тие неколку пет, шест или седум играчи. Јас секогаш во првенството последен шутирав пенал и ете ми се посреќи да го решам мечот во последната серија. Тоа психолошки не е мала работа, но кога видов дека морам да се одлучам, признав дека имав страв.  Овој натпревар  носеше голем товар. Не е мала работа да се стане европски шампион. Но, откако ја земав толката, се концентрирав на пеналот кој ретко го шутирам, а прво да не го погледнам голманот. Секогаш пред да шутирам, гледав во голманот“, вели Панчев.

Извор/Телеграф.рс

 

 

 

Scroll to Top