Со парите од министерство ни струја не може да се плати во студио

Министерството за култура ѝ одобри 80.000 денари на поп пејачката Тамара Тодевска за нејзиниот трет студиски албум кој треба да го промовира годинава. Тамара е единствениот изведувач од домашната поп-сцена кој доби финансиска поддршка од државата за снимање нов материјал. Тамара вели дека ѝ е драго што Министерството решило да ѝ додели средства за нов албум, но потенцира дека тоа се многу малку пари.

„Да бидам искрена ова се пари колку што чинат пет дена патни трошоци на една пратеничка. Со овие пари не може ни струја да платиме во студио. Тажно е што сум единствената на списокот, а нам во ова време ни треба музичка сцена и поддршка за многу други музичари и пејачи, кој сакаат бездруго да создаваат музика, а со тоа и нашата генерација и држава да има песни, хитови, кретивна енергија и распепани млади луѓе“, изјави Тамара за „Репортер“.

Скромни 80.000 денари Министерството за култура му одобри и на музичарот Ристо Вртев за концерти на „Архангел“ во Скопје, Охрид, Прилеп и во Штип. И составот „Стринг форсис“ кој две децении опстојува на домашната современа музичка сцена ќе добие 80.000 денари за серија концерти низ градовите во источниот дел на Македонија.

(А.Г.)

Scroll to Top