Mакедонскиот модел со интернационална кариера, Павле Николовски, стана заштитно лице на модната куќа „Барбоса“ од Сараево. Тој една недела престојуваше во Босна и Херцеговина, каде беше ангажиран во неколку проекти, а доби и нови модни понуди.
По покана на организаторите „Алтермедиа“, Николовски настапи на ревијата на „Модиана“ во рамките на Fashion Beauty Media Weekend. Како заштитно лице на „Барбоса“ тој имаше фотосесија на новата кампања која ќе стартува на крајот на март. Неговиот лик наскоро ќе се најде на билборди и во каталозите на овој познат бренд. Пред заминување, заедно со топ моделот Магдалена Лубура, Павле сними едиторијал за „Хуго Бос“ за списанието Ladies In.
„Престојот во Сараево ми беше одлично искуство, работев со извонредно професионални тимови. Драго ми е што беа задоволни од соработката и веднаш ми предложија нови проекти“, вели тој.
Од неговиот успех е задоволен и Алек Наумовски од неговата матична агенција „Моделс ИН“.
„Неговата кариера во последните две години се одвива со забрзано темпо. Тоа се должи на фактот што Павле е одговорен, принципиелен и голем професионалец“, вели Алек.
Павле веќе се подготвува за претстојната сезона каде е букиран за три нови проекти. Тој е веќе ангажиран од ателје Љутикова за нејзината нова машка линија што ќе се промовира наскоро.