Пере се потсети на Ацо Конга: Стари, сè уште го одржувам бендот

Поранешниот фронтмен на групата „Нокаут“, Никола Перевски – Пере, напиша емотивна порака на социјалните мрежи по повод шестгодишнината од смртта на неговиот колега и добар пријател Ацо Богдановски – Конга.

„Огромна чест е што те познавав, што дружевме, што соработував со тебе, што направивме нешто што после 23 години сè уште трае, прераснува во нешто посериозно како идеологија, став на „Нокаут“. Сè уште го одржувам бендот и вреди Ацо. А, тоа што вреди секогаш смета и е трн во око. Така ми зборуваше тогаш, ама бев многу млад и не те разбирав до крај што сакаше да ми кажеш. Сега веќе разбирам. Стари, знам дека се гледаме на друго место во друго време“, напиша Пере.

Пере неодамна во интервју за „Репортер“ раскажа дека смртта на Конга е нешто кое оставила длабока трага во неговиот живот.

„Секогаш кога ќе излезам на сцена или кога ќе слушнам некоја песна од нашето време, ми се појавуваат слики од него. Бевме како една фамилија. Направивме многу заеднички концерти и многу се поврзавме. Навистина ми е жал што така брзо си замина толку млад човек. Ацо остави добро дело зад себе. Две деца, семејство. Секојдневно се борам со тоа. Ми навираат емоции и понекогаш, знам да пуштам и солза. Понекогаш се случува и да се насмеам од некои убави моменти“, ни кажа Пере.

Кога пред повеќе од 20 години се појави на сцената, „Нокаут“ беше вистинско освежување за публиката. Во времето кога македонската музика беше во подем, Пере, Франц, Ацо и Кире беа дечките од временската машина, која само пет години можеше да остане во овој состав. Бендот се распадна, а потоа секој си го фати својот пат.

Scroll to Top