Песните со македонска поезија може да да се пуштаат и во диско: интервју со Оливер Митковски и Андреја Салпе

Македонската поезија споена со урбана електронска музика, спакувана во уникатен проект „Поетроника“ со актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе ќе има промоција на малата сцена во Македонскиот народен театар на 8-ми јуни в четврток.

Во разговор со Митковски, откри дека на проектот активно работеле пет месеци, кога и ја направиле првата песна. И Оливер и Андреја работеле ден и ноќ, па се случувало и еден од нив воопшто да не замине дома на спиење.

„Ниту поезијата, ниту музиката не се доминантни, туку се во целосна хармонија и се надополнуваат една со друга. Изборот на песните ги правевме случајно во самиот процес. Со оглед на тоа што работевме, условно речено сеанса. Една сеанса траеше два, некогаш и три дена. Еден од нас не одеше дома да спие, работевме. Во целиот тој процес често се случуваше да почнеме да снимаме една песна на одредена подлога, да преминеме на втора, трета. Се случуваше вториот или третиот ден како финален продукт да завршиме со четврта“, раскажа Митковски за Репортер.

Во нарацијата опфатени се сите генерации на поети, од постарите до современите.

„Од првата генерација се Ацо Караманов, Славко Јаневски и Гого Ивановски. Интересен е фактот дека за Гого Ивановски. Малкумина знаат за неговото творештво, затоа што во училиште се изучуваат Анте Поповски, Гане Тодоровски. Но речиси никој не го познаваше Гого Ивановски и неговата фантастична поезија. Направивме од него една песна и ја нарековме „Јас па ти“, составена од две негови песни. Радмила Трифуновска којашто е почината, извонредна поетеса. Од современите, Ѓоко Здравевски и Игор Исаковски. Таа е мојата и на Андреја омилена песна од сите десет што ги направивме“, рече Оливер.

Оливер и Андреја ќе се сложат дека има некои песни кои може да станат клупски, но сите се составени од повеќе или помалку слични звуци, но во различни контексти, аранжмани.

„Мислам дека целиот албум е прекрасен за слушање, се одлучивме да направиме слушачка промоција. А песните ќе се најдат на носач на звук како албум“, рече актерот.

„Поетроника“ е подобен за разноразни музички, па и музичко-сценски фестивали, Оливер рече дека не би се изненадил доколку во скоро време би се промовирале и надвор.

Музичарот Андреја Салпе ја работел музиката, иако со актерот биле заедно вклучени целосно во проектот.

„Музиката е моја, со тоа што еден со друг си влијаеме. Во нијанси навлеговме во целиот процес, во секоја една песна за да биде се погодено, смислата, поентата на текстот. Да не биде само музиката подлога на нарацијата, туку да има некаква кохезија. Јас се занимавам со музика, продукција, диџејство и свирам инструменти, но немаше првична идеја песните да се пуштаат во дискотеки или клубови, па од таму да тргнеме да го правиме ова. Попатно ни текна дека ова е добро и за на долга патека со тоа што македонската поезија ќе дојде поблиску до младите и нема тоа да биде застарен концепт“, рече Салпе.

Г.Додевска

 

Scroll to Top