Петар дојде на аудиција за вработување, а јас бев во жирито, си реков ’види што убав е дечково‘: Љубовната приказна на Емра Куртишова 

Македонската актерка Емра Кутришова неодамна се омажи со својот колега, актерот Петар Стојанов. По три години врска двојката реши да се венча, а свадбата беше во Гевгелија, од каде што е Петар. Емра вели дека имале преубава свадба за која сè уште се зборува. Конечно успеа да ги присобере впечатоците, па во разговор за Репортер ни ја откри и љубовната приказна со сопругот, но и како поминел подготовките околу свадбата. Зборуваме и за идните планови во однос на нејзината кариера.

По 7 јуни, еве уште се зборува за свадбата и баш тоа ми буди радост и ми дава до знаење дека навистина гостите заедно со мене и Петар си поминаа прекрасно“, ни открива актерката Куртишова. На прашањето како сега се чувствува во брак, вели: Искрено, не е ништо поразлично бидејќи ние веќе подолг период живееме заедно. Тоа е доказ дека таа хартија не менува ништо, единствено што на некој начин се официјализира врската. Така што сè си е како што било и до сега. Единствено што сменив, е што освен што го задржав моето презиме, го додадов и неговото, и секако се тоа со заеднички договор‘, ни откри Емра, која публиката ја засака како Исура, од хит-серијата „Преспав“.

Свадбата беше во Гевгелија. Немало многу гости, туку прославата била во најтесниот круг на семејството. Но како и секоја свадба, така и оваа поминала со малку драма.

„За нервозите околу свадбата ангажирани беа сите околу мене, јас бев многу опуштена. Не знам како ми успеа, но, навистина ништо не допираше до мене, едноставно сакав да ми е мирно во душата. Но, пак не беше сè подмачкано. Бидејќи дента патувавме од Скопје и секако чичко Марфи мораше да вмеша прсти, врвот беше дека јас и Петар доцневме на сопствената свадба, не многу долго. Па кога стигнавме наместо ние да ги пречекаме гостите, се случи обратно. Сега кога ќе се присетиме на тој момент ни делува како од некоја комедија, и навистина беше смешно“, вели Емра и додава: Најважно е дека сè помина во најдобар ред, беше убава мини свадба за паметење.

Атмосферата се вжешти кога Петар го зеде микрофонот и буквално не го остави … па, со оглед на тоа колку го крена расположението се пошегував и му предложив во слободно време да пее на свадби, на што ми одговори дека ќе размисли“, се шегува актерката. Таа ни откри и дека немале обичаи бидејќи свадбата ја правеле во работен ден. Сè почнало и завршило во ресторанот, вели актерката, и затоа што биле растоварени од сите обичаи, имале повеќе време за убава веселба.

Интересна е и нивната љубовна приказна, за која Емра првпат открива во разговорот за Репортер. “ Искрено да ти кажам, љубовта почна необично и неочекувано. Во 2018 имаше аудиција за вработување на нови актери во Театарот за деца и младинци. По некоја случајност јас бев дел од жирито и тогаш прв пат го видов Петар. Кога излезе на сцената, си помислив ’види што убав е дечково хаха‘. Морам да признаам дека му личеше сцената и имаше потенцијал за да се вработи и стане дел од театарот. Така и бидна“, искрена е актерката Куртишова-Стојанова и додава: Нашиот прв заеднички процес во театарот беше претставата „Едвард раце ножици“ каде почнаа првите љубовни искри, ама од негова страна, а јас ’се држев бев ’како незаинтересирана. Тој момент не траеше долго, не можев да му одолеам и се случи љубов. Почнавме да живееме заедно и сфативме дека добро ни оди, па решивме да се земеме“.

Заедничката работа во театарот, кога се и колеги и во љубовна врска, колку и да е добра, некогаш носи непријатни моменти, кавги. Па зборуваме и за тоа, на што актерката вели: „Реално тоа до сега се нема случено, но, не е чудо да се случи. Приватноста се остава на влезот пред театарот, наша задача е со полна концентрација да си ја одиграме претставата, а проблемот да се реши по завршувањето на истата. Јас и Петар сме различни во карактерите, ама сметам дека тоа е причината зошто сме заедно. Секако дека нè привлекуваат исти нешта и тоа го прави балансот во врската“, открива таа.

Емра во моментов е во Србија, каде подолг период работи на филм и серија. Но, засега, вели таа не смее да открива многу, бидејќи сè уште е рано. И оваа година зад себе имаа успешна работа во Театарот за деца и младинци. Ни откри дека на куклениот фестивал во Подгорица, со претставата „Палешка“ таа и нејзиниот колега Мартин Јорданоски добиле награда за партнерска игра. Потоа се случила претставата „Роња“ која сè уште ги добива сите главни награди од фестивалите. „Морам да признаам дека оваа претстава е една од поубавите во нашиот театар, и топло ја препорачувам на сите оние што не ја гледале.

Во моментов во театарот се работи „Франкенштајн“ и со нетрпение ја очекуваме премиерата“, раскажува таа. Публиката ја засака како Исаура, па ја прашаме дали мисли дека е време да ѝ се врати на телевизијата и дали ќе има нова сезона на хит-серијата?

“ Преспав ми фали веќе две години, и не само мене. Публиката си го кажа своето, серијата помина со огромен успех, а, за тоа се доказ бројните пораки кои ги добивам на Инстаграм. Секоја успешна приказна си има свое продолжение, па да се надеваме дека тоа ќе се случи и со Преспав, открива Емра.

Александра Георгиев

 

 

Scroll to Top