Почина актерката Видосава Грубач, доајен на Драмскиот театар

Почина актерката Видосава Грубач, која кариерата ја мина во Драмски театар Скопје, а во филмот на Коле Ангеловски „Викенд на мртовци“ го толкуваше ликот на Рајна. Веста за нејзината смрт ја соопштија од театарот, чиј член беше од 1962 година па до пензионирањето.

Грубач заедно со Милица Стојанова и Ленче Делова играше во „Богомилска балада“ на Тодорка Кондова-Зафировска, првата претстава одиграна во зградата на Драмски театар на „Шекспирова“. Таа настапуваше во многу претстави на Драмски, а меѓу највпечатливите ѝ е улогата во „Болва во уво“, која имаше 333 изведби.

Монодрамата „Двајца црнци зборуваат македонски“, работена по поемата на Паскал Гилевски беше едно од нејзините најдобри актерски остварувања. Таа ја глумеше и Беки Тачер во „Том Соер“, Оливер Твист во „Оливер Твист“, Клариса во „Кралот на елените“, бајачката во „Диво месо“, тетка Веска во „Чија си“.

Најважните улоги ги остварува на куклената и на детската сцена, но со голем успех учествува и во проектите на вечерната сцена.

Scroll to Top