Синоќа во Скопје, по кратко и тешко боледување на 74-годишна возраст почина доајенот на македонското глумиште, Марин Бабиќ.
Во 1971 година дипломирал на Театарската академија во Софија и истата година станува дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти.
Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Собирен центар“, „Бура“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Не сега драга’, „Демонот од Дебар Маало“ и други.
Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ-улоги: „Бушава Азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ .
Публиката ќе го запамети како Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.
Повозрасните генерации сé уште со носталгија се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје. Радио кариерата ја заокружи со популарната радио-емисија за готвење во некогашниот Радио Равел.
Марин Бабиќ беше идеен творец на култната манифестација „Глумците пеат“ и на поетскиот серијал „Бебули“, но и по неговите одлични интерпретации на современата поезија.
Погребот ќе биде извршен на новите градски гробишта во Прилеп на 18 октомври (вторник).